Малиот гениј ги воодушеви јавноста и НАСА со својата идеја за сателит за комуникација, а НАСА во соработка со Европската вселенска агенција ќе ги плати трошоците за лиценцата за контрола на сателитот и целата документација, објави српскиот портал б92.
Момчето е родено со одлични генски предиспозиции за занимавање со наука. Неговиот дедо уште од малечок бил фасциниран од астрономијата и сакал да го студира тоа кога бил момче. Покрај мајка му, која е голем љубител на научни емисии, малиот Дејан се запознавал со науката гледајќи „Национална географија“ и слични канали.
„Дејан од три-четири години од мене слушна како звучи англискиот јазик и веднаш се заинтересира за него. Му купивме сликовница на англиски и уште тогаш знаев дека во семејството добивме умно дете. Додека заедно гледавме научни емисии, тој ме прашуваше за Тесла. Му објаснив дека со негова помош имаме струја, дека ТВ работи благодарение на тоа. Секоја емисија будеше љубопитност кај Дејан. Купивме компјутер кога Дејан имаше пет години. Се фасцинира и почна да игра игри, се разбира, под мој надзор, а потоа набрзо почна да создава кодови за игрите со помош на децата во групата кои имаа исти интереси“, вели мајката на Дејан, Дијана Жрдња.
Таа додала дека нивна голема инспирација е Никола Тесла, односно неговата работа, потоа Томас Едисон, Илон Маск, компанијата „Спејс Екс“, сето она што компанијата го прави и објавува, НАСА и Алберт Ајнштајн. Наклонетоста на момчето кон науката ја забележале во неговата петта година, кога освен играњето игри, почнал самиот да создава игри и поради големиот интерес за научниците, константно испитувал кои се тие, што направиле, што се тоа молњи итн.
„Му објаснував онолку колку што знаев, а она што не го знаев го барав на интернет или во литература. Од шест години тој веќе почна да се занимава со астрономија и наместо да гледа цртани, на интернет гледаше планети, нивните положби и ги црташе“, додава Дијана. Таа му е најголема поддршка. Како мајка, го охрабрува, го слуша кога зборува за неговите проекти, иако признава дека некогаш и самата не ги разбира, па му вели да ѝ објасни. Открива дека често одат на прошетки и тогаш зборуваат за наука, научници, но и за малку поопуштени работи, како музика, бидејќи имаат ист вкус за музика. Дејан многу се интересира за науката и неколку години наназад редовно ги следи сите објави на НАСА. Така и дознал за конкурсот на кој се пријавил.
фото извор: Дијана Жрдња/ Б92
„Се работи за комуникациски наносателит во Ку опсег фреквенција за интернет и мобилна комуникација. Интернетот ќе биде многу побрз, без доцнење, и поевтин, а повиците и на голема далечина ќе бидат кристално чисти. Дејан дошол до оваа идеја така што сакал да му помогне на светот, да го искористи своето знаење во доменот на помагање на луѓето. Кога го виде конкурсот на НАСА, мораше да се пријави и да го реализира тоа, како што вели и самиот“, раскажала гордата мајка Дијана.
Во смислувањето на овој проект Дејан вели дека најтешки му биле тригонометријата и алгебарските калкулации. Самиот проект допрва ќе се изработува, треба да го претвори во материјално нешто, па ќе се види дали ќе наиде на некакви тешкотии. Засега Дејан работи околу половина милион линии на кодови и нема проблеми. Најголема поддршка на малиот гениј и неговото семејство засега даваат родителите на Дијана и локалните заедници, добрите луѓе и, се разбира, медиумите. На Дијана ѝ е тешко што не е вработена и истакнува дека дава сѐ од себе за на Дејан да му обезбеди сѐ што треба за да продолжи да се развива.
„На Дејан моментално за овој проект потребна му е финансиска поддршка бидејќи самата изработка на сателитот ќе чини повеќе од 10 илјади евра. Дејан има во план на панелите од сателитот да ги изгравира имињата на сите луѓе што му помогнале. Се разбира, ќе му треба литература, бидејќи тој во главата има уште проекти, а ништо не е поверодостојно од литература. Дејан се надева и на некоја стипендија, која би му помогнала да се образова и да се стекне со уште повеќе знаења за да се унапреди“, вели Дијана. Истакнува дека нејзините родители им се најголема поддршка.
Се обратиле до локалната заедница и Општината, која има желба да помогне колку што може. Многу медиуми пишувале за него, а конкретно никој од државниот врв не им се обратил, рекла Дијана. Истакнала и дека не треба да им даваат пари, туку на „невработената мајка да ѝ дадат работа според струката за чесно да работи и да одвојува секој месец за овој проект на нејзиниот син“. Дејан досега не бил контактиран од научници по астрономија, но се обратиле во германскиот „Телеком“, кој би сакал соработка со Дејан во јули 2020 година, „Дискорд гит хаб“ (мрежа за програмери).
„Дејан имаше малку среќа што сето ова во врска со НАСА почна да се случува на распуст. Инаку, Дејан го знае мојот став што се однесува до училиштето, без разлика на проектите, училиштето е приоритет, мора да учи, а потоа може да прави проекти. Училиштето набрзо ќе започне, но мојот став во врска со тоа ќе остане ист. Прво ќе ги решава училишните обврски и ќе се одмори, а потоа ќе работи на проектот“, истакнала Дијана.
На прашањето како реагираат другарите на Дејан на неговата соработка со НАСА, Дијана вели дека се во шок и неверување иако и самите знаат дека Дејан од малечок се интересира за технологијата.
Дејан, како и сите други деца, е многу талентиран. Обожава да плива и оди на прошетки со мајка си што почесто. Исто така, тој е голем љубител на животните. Да може, сите животни би ги удомил, па така ја има мачката Сунчица, со која сака да излегува надвор и да си игра. Тука е, се разбира, и играта со пријателите која малиот гениј никогаш не ја избегнува.
фотоизвор: Дијана Жрдња/ Б92
„Пред да го види конкурсот за НАСА, Дејан работеше на хибриден ракетен мотор. Поради проектот со НАСА, ја стопирал работата на тој мотор, но како што вели, нема да се откаже од него. Дејан има уште еден план, а тоа е да ѝ помогне на агрокултурата во смисла на креирање сателити за исчекување на временските услови. Сака да им помогне и на грижливите луѓе. Исто така, почна да споменува и вештачка интелигенција, како што е робот-рака, да им помогне на луѓето што немаат рака или друг екстремитет и слично. Но, ќе видиме. Засега е фокусиран на проектот за НАСА“, открила Дијана.
Најголемата желба на Дејан е да гледа лансирање во живо. Тоа за него би значело сѐ, како и да се оствари во доменот на овие науки.
Автор: Милица Крстиќ