Воспитување

Генерацијата родители не умееше да посакува, а генерацијата деца не умее да чека

Причината за тоа е што родителите се трудат на своето дете да му го обезбедат сето она што самите не го имале во детството.

Не сакам да давам прогнози… тоа е многу неблагодарно. Сепак, како психотерапевт, ќе изнесам некои заклучоци без намера нешто да воопштувам, но со желба да го свртам вниманието кон извесни тенденции.
Во последно време ми се чини дека сѐ почесто ми се обраќаат клиенти (условно ќе ги наречам генерација родители) кои не знаат што да прават со своите деца (често веќе возрасни), безволни деца без каква било иницијатива (да ги наречеме генерација деца). Без оглед на условноста на возрасните граници, сепак, може да се скицира вообичаениот профил и на родителот и на детето.

Абулички синдром

Генерацијата родители генерално може да се окарактеризира како „нарцисоидна“ (но не во клиничка смисла на зборот). За генерацијата родители во балансот „обврски-желби“ во значителна мера преовладува страната на „обврските“. Последица од тоа е хипертрофија на волјата. Тоа е генерација со цврста волја. За нив карактеристични се сосредоточеноста, перфекционизмот, умешноста да се одреди и да се постигне целта, од една страна, и на слабата чувствителност кон своето јас и сопствените желби, од друга страна.

За генерацијата деца вагата на „обврските-желбите“ натежнува на страната на желбите. Како последица од тоа, често кај нив можеме да уочиме неспособност волно да вложат напор и абулички синдром. Акцентот на „сакам“ и неодложното исполнување на желбата води не само кон неспособност да се трпи и причека, да се вложи напор, туку со текот на времето води и кон тоа – парадоксално – желбите веќе да не постојат.

Генерацијата родители не умееше да посакува желби, а генерацијата деца не умее да чека.
Причината за тоа често лежи во тоа што родителите се трудат на своето дете да му го овозможат сето она што го самите го немале во детството.

Мислам дека многу скоро ќе мора масовно да работиме не со дефицитот на желби, туку со дефицитот на волја. Наскоро како терапевти многу сериозно ќе се соочиме со тоа. Тоа не е толку едноставен предизвик за стручњаците. Колегите знаат колку е сложено да се работи со дефицит на психички функции. А тоа е само половина од маката. Дополнителната сложеност е во тоа што овде имаме работа со немотивиран клиент, кој дури не е ниту клиент во вистинска смисла на зборот.

Борис Сергеевич Братус (светски познат руски психолог) на едно од своите предавања кое имав среќа да го слушам, ја изговори следната мисла: – Задоволство без вложен напор – тоа е пат кон алкохоличарска психа.
Длабока мисла која објаснува многу работи.

Автор: Генадиј Малејчук

Поврзани написи

To top