Воспитување

Генерацијата З го менува родителството: Нивните деца не знаат за „Инстаграм“ или за казна

Тивката генерација верувала дека децата треба да се гледаат, но не и да се слушаат. Бејби-бумерите се фокусирале на тоа нивните деца да завршат високо образование. Генерацијата X, веројатно од желба нивните деца да не ги повторат истите искуства, честопати премногу ги заштитува. Милениумците генерално се склони кон нежно родителство. Па како членовите на генерацијата З ги одгледуваат своите деца?

Иако можеби не изгледа така, најстарите членови на генерацијата З, кои сега се на возраст меѓу 13 и 28 години, веќе стануваат родители. Па, каков е нивниот стил на родителство? Сè уште не е сосема јасно бидејќи повеќето од нивните деца се премногу мали за да ги споделат своите искуства со истражувачите, па нема многу конкретни податоци.

-Имам чувство дека нивното родителство во голема мера ќе го одрази начинот на кој тие самите биле воспитани – изјавила истражувачката на генерации Кори Симилер.

Во некои истражувања таа открила дека дури 69% од членовите на генерацијата З ги навеле своите родители како најважните личности во нивниот живот.

Во моментов нема многу познати родители од генерацијата З, освен Наоми Осака, Хејли Бибер, Софија Ричи и Кајли Џенер. Но, Мет и Аби, млад пар, станале вирални на „Тик-ток“ благодарение на нивните искрени објави за воспитувањето на нивните две мали деца. Ги следат повеќе од 5,2 милиони луѓе.

-Откажувањето од себичноста и слободата на толку рана возраст… не мислам дека сфаќаме колку сме себични како луѓе сè додека не добиеме дете. Но, токму тоа е најголемата предност – рекла Кајли Џенер за тоа како било да стане мајка на 19 години.

Врз основа на објави од млади родители на социјалните медиуми, неколку јавни појавувања и ограничено истражување, почнуваат да се појавуваат шеми кои откриваат како размислува најновата генерација на родители.

Тие се претпазливи во врска со децата на социјалните мрежи

Генерацијата З порасна со интернетот. Едно истражување покажало дека повеќе од половина од нив сакаат да станат инфлуенсери. Но, иако се среќни да објавуваат содржина, многумина ја отфрлаат идејата дека и нивните деца треба да бидат изложени на социјалните медиуми.

-Социјалните медиуми се исклучително сложена средина за родителите. Од една страна, тие даваат поддршка, информации и инспирација, а од друга страна, многу е лесно да се падне во стапицата на споредување и осудување – рекла 25-годишната Алиса, корисничка на „Тик-ток“, мајка на две деца (на возраст од 4 и 16 месеци).

Што се однесува до нејзините деца, таа истакнува:

-Сакам да ги држам подалеку од интернет сè додека не пораснат доволно за да ги разберат и ризиците и придобивките.

Кајли Џенер се согласува со тоа велејќи дека нејзините деца ќе бидат подалеку од социјалните мрежи што е можно подолго.

Сличен став има и 21-годишната Кајли Џонс, која станала мајка како тинејџерка. Таа сега има две мали деца со нејзиниот партнер од средно училиште, а ги споделува своите искуства на „Инстаграм“. Таа се сеќава како го добила својот прв мобилен телефон на осумгодишна возраст, а веќе имала пристап до социјалните мрежи на десетгодишна возраст. До седмо одделение, таа собрала над 400.000 следбеници на платформата „Likee“.

-Не им ги покажуваме лицата на нашите деца преку интернет и го ограничуваме нивното време пред екраните. Не користиме таблети и не им дозволуваме пристап до интернет. Кога тоа ќе се промени? Ќе зависи од тоа колку интернетот ќе се промени како што ќе растат. Засега, планираме тие да добијат профили само во средно училиште – рекла таа.

Симилер предупредува дека ставовите на родителите од генерацијата З се разликуваат.

-Некои од нив имале позитивни искуства на социјалните мрежи, се поврзале со други и можеби сакаат и нивните деца да го доживеат тоа. Други биле изложени на малтретирање, осуда, чувство на неприфатеност, па сега се плашат од тоа за своите деца. Нема да видиме ниту еден пристап. Сè зависи од личните искуства што ги имале самите тие – заклучува Симилер.

Тие обрнуваат посебно внимание на менталното здравје

На 23-годишна возраст Наоми Осака стана симбол на борбата за ментално здравје. Во јануари 2025 година таа ја роди својата ќерка Шаи и тешко е да се поверува дека нејзината родителска улога нема да биде обликувана токму од тие искуства.

-Оваа генерација ја скрши стигмата околу менталното здравје. Тие се отворени, бараат помош и сакаат поддршка, без разлика дали е тоа во училиште, на работа или дома. Тешко ми е да замислам дека нема да го изградат своето родителство на истата основа – вели Симилер.

Според студија на „Вајс“ од 2021 година, родителите од генерацијата З повеќе им веруваат на сопствените инстинкти отколку на советите од семејството или дури лекарите. Тие се однесуваат како што сметаат дека е најдобро за нивните деца, земајќи ги предвид специфичните околности, а не универзалните правила.

За Кајли Џонс, тоа значи да им се извинува на своите деца кога ќе направи грешка.

-За мојата генерација на родители, тоа беше сосема туѓа идеја – вели Џонс.

Таа практикува афирмации со своите деца секој ден и се обидува да се осигури дека секогаш знаат оти можат да ѝ се обратат без страв, срам или вина.

Алиса, од друга страна, ја темели својата родителска филозофија на „надминување на траумите од детството“. Таа ја гледа свеста за важноста на менталното здравје како голема предност во улогата на мајката.

-Благодарение на тоа, можеме подобро да препознаеме кога на децата им е потребна помош и да им обезбедиме сè што им е потребно.

Исто така, додава дека грижата за сопственото ментално здравје им овозможува да бидат подобри родители.

Извор

Поврзани написи

To top