По бејби-бумерите, милениумците и генерациите Х, ипсилон, З и алфа, на сцената стапува нова генерација. Децата родени во 2026 година би можеле да бидат познати како генерација сигма, а се очекува да ги одликува досега невидено ниво на дигитална писменост и природна снаодливост во светот на вештачката интелигенција.
Кој на која генерација ѝ припаѓа?
За потсетување, генерациите обично се дефинираат во одредени временски периоди:
- Милениумци: родени меѓу 1981 и 1996 година.
- Генерација З: родени меѓу 1996 и 2010 година.
- Генерација алфа: родени меѓу 2010 и 2024 година.
Логично е да се претпостави дека генерацијата сигма, која доаѓа по алфа, ќе биде уште подлабоко внесена во дигиталниот свет. Со оглед на брзината со која се развива технологијата, овие деца ќе растат со алатки кои за претходните генерации беа незамисливи.
Дилема околу името: сигма или бета?
Сепак, сè уште не е сосема јасно кој назив ќе се зацврсти. Иако сигма е популарен термин, футуролозите веќе предложија и друго име – генерација бета. Според таа поделба, генерацијата бета би ги опфатила сите родени помеѓу 2025 и 2039 година.
Марк Мекриндл, истражувачот кој го создаде поимот „генерација алфа“, истакнува дека следната генерација ќе наследи свет кој се соочува со големи општествени промени.
– Покрај климатските промени и брзата урбанизација, одржливоста за нив нема да биде прашање на избор, туку основно очекување – вели Мекриндл.
Што ја очекува оваа генерација?
Се проценува дека до 2035 година оваа нова генерација (бета или сигма) ќе сочинува околу 16 % од светската популација. Тие ќе живеат во свет каде што вештачката интелигенција нема да биде само алатка, туку клучен дел од секојдневието, образованието и работата.