Одамна е познато дека високите температури негативно влијаат врз создавањето на сперматозоидите, а сега истражувачите наведуваат дека и машката долна облека е поврзана со неплодноста.
Претесните гаќи ги убиваат сперматозоидите, покажуваат американските студии објавени во магазинот „Хјуман репродакшн“.
Тесни гаќи или боксерки?
Во споредба со мажите што носат тесни гаќи, мажите што одбираат боксерки имаат поголем број и поголема концентрација на сперматозоиди, а и нивната подвижност е подобра.
Тим од научници под водство на Лидија Минез од харвардската школа за јавно здравје во Бостон спровел студија на сперматозоидите на 656 мажи со нормална телесна тежина на возраст од 18 до 56 години, чии партнерки се лекувале од неплодност.
Установиле дека кај мажите што претпочитале боксерки концентрацијата на сперматозоидите била за 25 отсто повисока отколку во примероците на испитаниците што носеле тесни гаќи.
Причина за тоа е ниската температура околу тестисите. Одамна е познато дека успешното создавање на сперматозоидите бара температура која е за 4 степени пониска од просечната телесна температура.
Претесните гаќи ги држат тестисите стегнати и преблиску до телото, а тоа резултира со намалување на бројот на сперматозоиди. Притоа тестисите се загреваат, што негативно влијае врз развојот на здрави сперматозоиди и нивната концентрација.
Неплодноста не е само женски проблем
Тоа го потврдува и Ричард Шарп, професор во пензија од единбуршкиот универзитет кој се занима со истражувања во центарот за репродуктивно здравје.
Но, научниците од целиот свет посочуваат дека има дупки во студијата кои оставаат места за сомнеж. Всушност, иако испитаниците дале примероци од сперматозоиди и крв за анализа, одговорите на прашањата за долната облека биле субјективни и затоа веројатно се недоверливи.
– Неплодноста несомнено не е само женски проблем. Репродукцијата сепак е тимска работа. Сеедно, верувам дека уште малку ќе го проучуваме машкиот придонес кога е плодноста во прашање – вели авторот на студијата, д-р Џорџ Чаваро.