Воспитување

Фрази што родителите постојано ги повторуваат, а децата пак не слушаат

Родителството понекогаш изгледа како рингишпил што никогаш не застанува, брзо се вртите во круг и се обидувате да не паднете, да се држите цврсто и постојано да минувате низ истите фази и барања. Исцрпувачки е, но не можете да запрете, мора да продолжите понатаму.

„Влезете во автомобилот“, „облечете ги чевлите“, „не допирајте го штекерот“ и така натаму. Списокот со вакви барања е бесконечен и иако не сакаме да бидеме родители кои постојано се жалат и бараат нешто, тоа се чини невозможно затоа што најчесто на децата треба да им се повторуваат нештата неколку пати за да слушаат, иако секој ден им го кажуваме истото.

Добрата вест е дека не сме сами. Адам Ритенберг, автор за спортскиот канал ESPN, ги прашал своите следбеници на „Твитер“ кои се речениците што постојано им ги повторуваат на своите деца и добил листа во која секој родител ќе се пронајде. Еве некои од нив:

„Те молам немој…“

„Остави ја сестра ти на мир.“

„Ќе бројам до 3.“

„Ставете ги садовите во машината.“

„Фрли го тоа.“

„Седи додека не изедеш сѐ.“

„Влезете во автомобилот.“

„Каде се твоите чевли?

Списокот, како што рековме, нема крај, а прашањето е како да ги натерате децата да слушаат и дали е воопшто тоа возможно?

Докторот специјалист Ерика Рајшер има неколку совети објавени во „Психологија денес“ и би можеле да им помогнат на родителите да тргнат на вистинскиот пат.

Една од најважните работи е да се негува навиката да се обрнува внимание

„Ако постојано повторувате нешто и потоа се откажувате, или го правите тоа самите или прибегнувате кон викање, може ненамерно да ги научите вашите деца дека може да ве игнорираат додека не се откажете или не почнете да викате“, пишува Рајшер.

Децата треба да бидат информирани за последиците од тоа што не слушаат

„Периодичното предупредување е критично затоа што ако децата однапред знаат какви ќе бидат последиците за кршење на правилата или игнорирање на барањата, тогаш тие одлучуваат за своето однесување: дали да го следат правилото или да го прекршат правилото и да ги сносат последиците. Без изненадувања“, рече Рајшер.

Важно е родителите да ги почитуваат сите закани, во спротивно ќе го изгубат кредибилитетот

Ако изброите до три за да го натерате детето да слуша, а потоа нема никакви последици, на крајот ќе престане да слуша. Но, ако сте доследни секојпат, многу брзо ќе почне да обрнува внимание. Има уште еден одличен совет за родителство кој се чини дека важи за речиси секоја ситуација: „Што дозволуваш, го учиш“. Какво однесување и да им дозволиме на нашите деца, сакале или не, ние на тој начин ги охрабруваме.

Родителството е тешко, но како што покажуваат одговорите на барањето на Ритенберг, родителите не се сами во сето тоа. Родителите од сите сфери на животот ги водат истите борби затоа што се чини дека секое дете е благословено со чудото наречено „селективен слух“. Освен ако не споменувате сладолед.

Извор

Поврзани написи

To top