Се ближат празниците и семејните дружби, каде што често се мешаат неколку генерации од семејството. Бабите и дедовците со нетрпение очекуваат да ги видат своите внуци и сакаат тие да бидат среќни, да се чувствуваат сакани и да имаат добар однос со нив. За жал, тоа не е секогаш случај, според терапевтите.

Понекогаш ненамерните или добронамерните забелешки на бабите и дедовците можат да создадат средина каде што внуците се чувствуваат непријатно или небезбедно, вели психологот Ен-Луиз Локхарт.

Токму од тие причини, важно е да внимавате како комуницирате со внуците во текот на целата година, а не само за време на празниците. Бабите и дедовците треба да бидат особено внимателни кога станува збор за следниве неколку фрази.

„Не кажувај им на мама и тато“

Секојпат кога бабите и дедовците ги поттикнуваат внуците да чуваат нешто тајно од нивните родители, тоа може лошо да влијае врз нивниот однос.

– Ова го поткопува родителскиот авторитет и може да има долгорочни последици. Освен тоа, им дава пример на децата дека може да се најдат во ситуации каде што е „во нивен најдобар интерес“ да ги чуваат работите во тајност од нивните родители. Ова може да биде особено опасно ако детето стане мета на предатор или се однесува лошо – вели клиничкиот психолог Заинаб Делавала.

Наместо тоа, бабите и дедовците треба да ги поттикнуваат децата да бидат искрени со родителите, без оглед на околностите.

„Колку си пораснал! Дали си здебелен?“

Друг тип на разговор што треба да го избегнуваат бабите и дедовците е оној за тежината на детето. Коментирајќи за тоа дали некој е дебел или премногу слаб може да придонесе за проблеми со сликата за телото и самодовербата.

– Како одговорни возрасни, наша должност е да ги поддржуваме и охрабруваме децата да бидат сигурни во сопствените тела. Да ги избегнуваме коментарите кои би можеле да ја загрозат нивната доверба и да доведат до несигурност. Ваквите остри забелешки често се паметат и се повторуваат во умот и години подоцна – тврдат експертите.

„Изеде премногу!“

Секоја забелешка за навиките во исхраната на внучето е подобро да се остави недоречена.

– Учењето за јадење и чувството на глад е важен развоен чекор во детството. Коментарите за добрите и лошите навики во исхраната можат да влијаат врз децата да го приспособат своето однесување врз основа на коментарите на другите луѓе наместо да ги слушаат знаците на сопственото тело – велат експертите.

„Колку си разгален!“

Периодот околу празниците и недостигот на рутина често може да предизвикаат бурни емоции и однесување кај децата. Ако видите како вашите внуци реагираат неблагодарно кога нема да го добијат тоа што го сакале, можеби ќе сакате да искоментирате колку се разгалени. Но, пред да го кажете тоа, размислете: ваквото однесување во овој период од годината е прилично вообичаено и нормално.

– Кога децата се однесуваат неблагодарно или разгалено, тоа често е одраз на однесувањето што го научиле или виделе од нивните родители – велат експертите.

„Твоите родители грешат во врска со…“

Стиловите на родителство се менуваат со текот на времето. Можеби сте ги воспитувале вашите деца на поинаков начин од начинот на кој вашите возрасни деца сега ги воспитуваат своите.

– Бабите и дедовците растеле во друго време со различни обичаи и норми, и природно е што сакаат да ги коментираат тие разлики. Нема ништо лошо да се посочат тие разлики, но многу брзо таквите коментари почнуваат да звучат осудувачки. Осудата значи да се подразбира дека еден начин е правилен, а другиот погрешен, што може да создаде непријатност за внукот или родителот – велат експертите.

Во принцип, најдобро е таквите коментари да ги чувате за себе, освен ако не забележите значителни пропусти или ситуации кои би можеле да му наштетат на детето. Дури и тогаш, најдобро е да ги изразите вашите грижи на родителите, а не на внуците.

Извор



912

X