Францускиот парламент изгласа да им се обезбеди легална заштита на децата-јутјубери, на ист начин како што имаат заштита и децата-актери и модели. Секој, вклучително и родителите, што ќе снима видеа во кои има деца под 16 години, со цел да се заработи од платформите каде што се споделува, ќе треба да има авторизација од административен авторитет – во спротивно ќе се соочи со казна до 75 илјади евра, или 5 години затвор.
– Овој закон е потсетник дека искористувањето на децата за работа е забрането во Франција, освен ако нема отстапување, а тука се вклучуваат и активностите на интернет – изјавил Бруно Студер од партијата на Емануел Макрон, која ја предложи оваа легислатива во декември минатата година.
Франција е првата земја што го применува законот за заштита на децата што се интернет-ѕвезди. Законот добил голема политичка поддршка и во Националното собрание и во Сенатот и е поддржан од владата. Се однесува и на деца под 16 години кои се појавуваат на платформи како „Тик-ток“, „Фејсбук“ и „Инстаграм“. Франција има десетици деца кои се онлајн-инфлуенсери и заработуваат по 150 илјади долари месечно. Еден од најуспешните канали за деца во земјата „Нео и Сван“ има повеќе од 5 милиони претплатници.
На работодавците ќе им треба дозвола за официјално да можат да најмат дете во професионален контекст. Но, кога снимањето се одвива дома, без доказ за официјално вработување (сива зона), родителите сепак ќе треба да ги известат властите за нивните планови во однос на објавувањето материјал онлајн. Родителите ќе треба да дадат изјава за активностите на децата и бројот на часови од материјалот што е објавен, доколку тој надминува одредени граници – кои ќе бидат дефинирани понатаму. Часовите на снимање исто така треба да бидат ограничени и во согласност со училишниот распоред на детето.
Поголемиот дел од парите заработени од дете-изведувач мора да бидат блокирани на сметката, додека детето не наполни 18 години, стои во законското решение. И огласувачите ќе се соочат со рестрикции. Ако сакаат да рекламираат продукти во видеата во кои има деца под 16 години, мора да проверат дали парите треба да одат кај лицето задолжено за рекламирање или на блокираната сметка на децата – во спротивно и тие ќе се соочат со казна од 3.750 евра.
Сепак, платформите се ослободени на некој начин. Ќе мора да направат листи со кои подобро ќе ги информираат малолетниците за нивните права додека ја креваат свесноста за психолошкото и легалното влијание на фактот што нивниот лик се објавува јавно. Ќе мора и да им олеснат на корисниците во процесот на пријавување материјали кои се косат со правилата и достоинството на малолетниците.
Платформите нема да се соочат со санкции бидејќи содржините објавени онлајн не се нелегални, не се однесуваат на тероризам, сексуална злоупотреба на деца или говор на омраза. А легислативата, исто така, ќе им обезбеди на децата под 16 години право да им бараат на платформите да ги отстранат видеата за кои немале претходна дозвола од нивните родители. Легислативата сепак треба да помине и во Сенатот, за второ читање, пред конечно да биде присвоена и практикувана.