Воспитување

Формирање работни навики кај децата – неколку совети за родителите

Се покажало дека формираните работни навики се многу важни за постигнување успех во животот. Ако се трудиме тие да се усвојуваат од најраното детство, подоцна во текот на растењето и созревањето ќе имаат пресудно значење за формирање правилен однос кон работата и работното место.
Во детството сè уште не е изградена самоконтролата, па детето не е во можност да го контролира своето однесување. Работата за детето претставува одредена непријатност затоа што тоа се води исклучиво по принципот на моментално задоволство. Задача на родителите е да му помогнат на своето дете да изгради принцип на реалност, што се постигнува со правилно насочување и поставување јасни правила, како и доследност во нивното спроведување.

Како се формираат работните навики кај децата?

За да се формира работна навика, мора да постои:
– надворешен притисок под кој детето ќе „попушти“,
– доследност, односно непопуштање и неоткажување – секоја активност што ќе ја започне, мора да се инсистира да ја заврши докрај,
– планирање на времето за извршување на активностите и време за играње и
– дефинирани краткорочни и долгорочни цели.

Работната навика се губи ако се избегнуваат планираните активности или ако лесно се откажува од содржините што не се интересни или изгледаат несовладливи. Неопходно е родителите благовремено да уочат дека детето наидува на одредени тешкотии и да му помогнат да ги надмине пред да се нареди лоши оценки, да му опадне самодовербата и да создаде отпор кон училишните обврски.

Работните навики се важни затоа што овозможуваат:

– повеќе слободно време – доколку постои навика, ќе изостане одолжувањето, обврските ќе се извршуваат ефикасно и ќе остане доволно време и за други активности,
– постигнување подобар успех во училиштето – со самото тоа што редовно се учи, се избегнува преобемното учење, насобран материјал за учење, па подобриот успех и личното задоволство се загарантирани,
– кога ќе се усвои навиката, работата веќе не предизвикува одбојност и непријатност. Дополнително, се јавува непријатност доколку обврската не се испочитува. Меѓутоа, вистинското задоволство доаѓа подоцна, со развој на кариерата, а за пораната возраст доволно е и усвојувањето на чувството на одговорност.

Неколку совети за родителите

Ако детето не ја изврши добро определената работа, не критикувајте го и не откажувајте се, туку покажете му како да го направи тоа (ако е потребно, и повеќе пати), а потоа оставете го самостојно да ја заврши задачата докрај. Исто така, важно е да имате трпение и да не ги извршувате задачите наместо него.
Она што го очекувате од детето мора да биде во согласност со неговата возраст и неговите можности. Во претшколскиот период детето треба да усвои хигиенски навики, да ги собира играчките и да извршува некои клучни работи што се приспособени на неговата возраст – да ви подаде садови, да ја намести својата облека откако ќе ја соблече, да учествува во подготовката на оброците. Тогаш детето треба да се вежба подолго време да седи мирно на масата, да црта, да ги вежба графомоториката и правилното држење на моливот. За детето ќе претставува помал стрес поаѓањето на училиште доколку веќе создало определени навики.
Пофалете го детето за секој вложен труд. Не карајте го поради лоша оценка, тоа може сосема да го демотивира, исто како и поставувањето превисоки очекувања. Имајте предвид дека за правилно созревање, неопходно е и време за одмор и за игра. Немојте да го споредувате со другите, туку охрабрувајте го.

Објаснете му на детето зошто е важно нешто да направи – немојте да му наметнувате обврски без објаснувања. На тој начин ќе се развива чувството на одговорност, кое ќе се активира секогаш кога нема да сака да направи нешто што е неопходно.
Ако барате од детето да седи на маса и да работи домашни задачи додека вие гледате ТВ или разговарате на телефон, тоа нема да има ефект. Детето ќе ја направи задачата безволно, размислувајќи за она што го правите вие. Тоа не значи дека треба постојано да седите покрај него и да му помагате, туку да се потрудите и вие тогаш да ги извршувате вашите обврски.

Автор: Анѓела Златковиќ, дефектолог – специјален педагог

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top