За повеќето деца, одењето на училиште или враќањето на училиште по празниците е настан што го очекуваат и му се радуваат. Сепак, голем број деца имаат страв од училиштето. Станува збор за отпор на детето да оди на училиште поради ирационален страв што е поврзан со одредени објективни или имагинарни околности. Стравот предизвикува силна непријатност и детето се обидува да го избегне одењето на училиште на различни начини, најчесто на почетокот на учебната година, кога се враќа на училиште по болест, по конфликт со врсници или наставник итн. Може да се појави абдоминална болка, повраќање, главоболка, психогена треска, прекумерно потење, додека наодот од лекарот е нормален. Проблемите исчезнуваат во семејната средина, за време на викенди, празници, одмори.

Кај деца од помлада училишна возраст, главно станува збор за вознемиреност поради раздвојување – страв од одвојување од родителите.

На постара возраст се јавуваат стравовите од оценување и критика („Имам трема да одговорам пред одделението“, „Се плашам дека ќе ме исмеваат ако згрешам“) и детето се сомнева во сопствените способности („Се плашам дека ќе го повторам одделението“, „Се плашам дека нема да се запишам во средното училиште што го сакам“, „Не можам да воспоставам добри односи со никого“).

Кога децата ќе почнат да одат во шесто одделение, чести се стравовите од преобемниот материјал, новите предмети и непознатите наставници, особено за оние што слушнале дека се строги, па честопати под влијание на предрасудите се појавува отпор. Кога ќе почне средно училиште, кај детето повторно се активираат стравовите од одвојување.

Децата кај кои постои страв од училиштето, кои кога ќе избегаат од час одат директно дома, се различни од децата што бегаат од училиште затоа што им е досадно. Ова треба да се земе предвид особено на подоцнежна возраст бидејќи често се случува овие групи на деца да бидат санкционирани површно (неоправдани, слаби оценки, со недавање можност за подобрување на оценката).

Кај кои деца најчесто се јавува училишната фобија?

Постои поголема шанса стравот од училиште да се појави кај:

– Деца што имаат помалку развиени социјални вештини;
– Деца чии родители се премногу заштитнички настроени кон нив и не поставуваат никакви барања, па затоа кога детето оди на училиште, се соочува со фактот дека треба да се бори само за себе со група врсници;
– Деца чии родители се строги, крути и премногу бараат, децата се преокупирани со страв од можни последици во случај на неуспех. Кај ваквите деца, тројка или четворка предизвикува голема вознемиреност;
– Деца чии родители се премногу амбициозни, нереални и имаат премногу големи очекувања, затоа детето се плаши дека ако не исполни сè што се очекува од него, ќе биде помалку сакано;
– Деца чии родители се анксиозни и несигурни, во отсуство на детето тие доживуваат уште поголем страв и несвесно наоѓаат причини детето да не оди на училиште (на пример, надвор врне, па детето не треба да оди на училиште);
– Деца чии родители често се караат, па затоа детето се плаши дека ќе се случи нешто лошо додека е далеку од домот;
– Деца чии родители непотребно го оптоваруваат детето со разни грижи и болести, па затоа детето оди на училиште загрижено и вознемирено;
– Деца што се љубоморни на помалото братче или сестриче кои остануваат дома со својата мајка;
– Деца што се плашат од наставниците;
– Деца што го доживуваат училишниот материјал како претеран. Овој проблем е особено изразен кај децата кои почнуваат на училиште порано, а родителите одбиваат да го одложат уписот;
– Деца што имаат лошо искуство со врсници или не се прифатени во групата. Неопходно е да се вклучат одделенскиот наставник и стручната служба во решавањето на овој проблем;
– Деца што минуваат низ тежок период (развод, промена на животната средина, одвојување од домот и родителите, смрт на член на семејство);
– Деца што имаат некои од следниве карактеристики на личноста: перфекционизам, несигурност, склоност кон депресивни и вознемирени реакции, плашливост, зависност.

Страв од одговарање

Стравот од одговарање е вид училишна фобија која се заснова на стравот од оценување. Се јавува кај затворени, плашливи, несигурни деца кои се пречувствителни на критика, се потценуваат себеси и немаат социјални и комуникациски вештини. Овој страв е главно предизвикан од потсмев од врсниците и/или наставниците. Кога станува да одговара, се појавува блокада. Потоа, детето бега од часови дури и кога е целосно подготвено да одговори, што е проследено со лоши оценки, казни и продлабочување на лошите чувства.

Потребно е да се работи на мотивацијата детето да остане во ситуацијата на страв, а не да ја избегнува, бидејќи избегнувањето го продлабочува стравот, додека справувањето и постигнувањето успех доведуваат до намалување на стравот.

Охрабрувањето, истакнувањето и пофалбата за тоа што добро го сториле ќе им биде од голема помош. Треба да се заборави споредбата со другите деца кои се поуспешни. Исто така, треба да им помогнете да се концентрираат на прашањето поставувајќи потпрашања, потсетувајќи ги кога се збунети, давајќи им порака: „Ајде да го сториме тоа заедно“, „Ќе ти помогнам да се сетиш“.

Што можеме да направиме?

Прво и најважно е да се утврди причината за стравот и во тоа на детето му треба помош од возрасна личност. Мора да ги разбереме неговите чувства, неговите страдања и да го гледаме како личност, а не само како ученик. Училиштето во никој случај не треба да биде единствената тема на разговор помеѓу родителите и децата. Кога ќе се врати дома од училиште, не прашувајте го веднаш како си поминало на училиште. Прашајте го што денес било интересно. Секој труд треба да се пофали без оглед на резултатот и треба да се запомни дека детето учи за знаење, а не за оценка! Оставете му и доволно време за игра.

Одењето на училиште прославете го со одење во кино, на некое патување или со торта. Во никој случај не плашете го детето, испраќајќи му пораки од типот: „Ќе видиш кога ќе одиш на училиште/во шесто одделение/ во средно училиште“. Стравот нема да се реши дома, тој само ќе се продлабочи. Ако детето плаче, договорете се со наставникот да одите на училиште неколку дена, на пример, на првите два часа и бидете пред училницата, па постепено продолжувајте го времето, заедно со детето. На пример, пред да одите на училиште, испланирајте го целиот училиштен ден заедно и држете се до него, земете го детето точно кога сте се договориле.

Работете на градење независност кај детето: само да се облекува, да си ги врзува врвките, да усвои хигиенски навики. Со цел да се развие самодоверба кај децата, добро е да имате одредени одговорности дома соодветни на неговата возраст. Прошетајте со детето од дома до училиште, останете во училишниот двор, доколку е дозволено, и влезете во училиштето за да го натерате детето да ја почувствува атмосферата. Разговарајте со него за вашите училишни денови и добрите искуства, но и за тоа како сте надминале некои лоши искуства. Дозволете му на вашето дете само да избере училиштен прибор и заедно купете некои други ситници за на училиште.

Ако очекувате вашето дете да биде најдобро на самиот почеток, тоа може да ја намали неговата самодоверба. Постојаната критика ќе доведе до повлекување, затворање и губење на довербата во вас. Исто така, треба да работите на намалување на сопствениот стрес и да верувате дека вашето дете ќе се справи добро на училиште.

Спортот е добар начин да се стекнат работни навики и детето да научи да се справува со неуспехот, и како да функционира во група доколку е групен спорт.

Ние треба да му помогнеме на детето да ги засака училиштето и наставникот. Во училницата потребно е да се развијат односи на доверба, почитување на различноста, еднаквост и безбедност, каде што секое дете има можност да се докаже преку игра, работа и учење. Ова дополнително му помага на детето да развие самодоверба и да верува во неговите способности. Вклучувањето во разни наставни и воннаставни активности ќе му помогне во тоа подобро ќе ги запознае своите врсници. Дури и кога детето не поминува низ тешка адаптација, имајте на ум дека доаѓањето во ново опкружување е дефинитивно голема промена. На секое дете му е потребна топла семејна атмосфера, без фрустрации и стравови, со цел да се фокусира на своите обврски.

Секое охрабрување и пофалба, како од родителите така и од наставникот, е поддршка за повторно соочување со стравот, кој со текот на времето го губи својот интензитет. Тоа е исто така техника на когнитивно-бихевиорална терапија. Техниките се движат од преплавување со стимули кои предизвикуваат страв и напнатост до постепено изложување на ситуации, што зависи од личноста на детето. Децата треба да се научат да се соочуваат со проблемот наместо да бегаат од него. Со стекнувањето самодоверба се зајакнуваат и социјалните вештини. Од особено значење се обуката за асертивност и учењето методи за релаксација.

Автор: Анџела Златковиќ, дипломиран дефектолог – специјален педагог
Извор



912

X