Ако сте еден од оние што се обидуваат да работат малку, а да извлечат најмногу, или пак сте вреден работник и едноставно сакате да бидете во служба на финската нација, запомнете ги имињата на овие градови: Лестијарви и Миехикала.
Лестијарви е лоциран во Западна Финска и е дел од регионот Остроботнија. Има популација од над 750 жители (еден од најмалите градови во Финска) и според финскиот весник „Илта Саномат“, во 2012 година само едно дете се родило таму, кое го добило името Керту. Можеби таа ниска стапка на новородени деца довела до тоа локалните власти да го направат ова место едно од најдарежливите што се однесува до наградување на двојките што сакаат да создадат семејство.
Уште од 2013 година општината Лестијарви плаќа по 10 илјади евра за секое дете што ќе биде родено во таа област. Износот се плаќа по илјада евра годишно, а основен услов е семејството (барем еден легален старател) да остане да живее во градот во тој период. Правото на оваа придобивка истекува ако легалните старатели на детето се преселат во друга општина.
Влијанието од оваа мерка било веднаш видливо: во периодот од 2013 до 2018 година градот сведочел на раѓање на 55 новороденчиња. Тоа е успех, ако се земе предвид дека во претходните шест години бројката на новородени деца била 33.
– Заминав од парламентот во 2011 година и дојдов тука како градоначалник во 2012. Таа година, едно дете, Керту, се роди во општината. Дуќанџиите рекоа дека нешто мора да се направи за ниската стапка на наталитетот, во спротивно училиштата ќе згаснат – изјавил Еро Ахонен, градоначалник на Лестијарви. Во практика неговиот град речиси ги дуплира просечните надоместоци за семејствата, во споредба со оние дадени во други фински општини.
Речиси сите семејства што ги примаат парите останале во Лестијарви и веројатно планираат да бидат тука во следните десет години, додека трае придобивката. Општината во моментов плаќа речиси 50 илјади евра годишно за оваа мерка. Властите, исто така, сакале да му се заблагодарат на Керту за тоа што ја зголемил свеста за овој проблем, па во 2013 година се согласиле да му ја доделат оваа придобивка на неговото семејство ретроактивно.
Постојат повеќе општини во Финска што им даваат таканаречени „пари за новороденчиња“ на семејствата што имаат деца. Ова е различна субвенција од другите мерки за децата и од светски познатиот пакет за мајчинство, платен од финската институција за безбедност (Кела). Се разбира, сите мерки се компатибилни.
Недостигот на новородени деца е на прагот да стане огромен проблем во Финска. Минатата година стапката на наталитетот опаднала веќе осма година по ред. Оттука, повеќе и повеќе градови се натпреваруваат во однос на промоцијата на наталитетот и растот на популацијата, дали со финансии, или преку олеснување на даночните околности за семејствата.