Со вакцинацијата имаме одлични резултати, како никогаш досега. Над 99 отсто е опфатот со вакцинација во Скопје, а над 95 отсто на територијата на целата држава. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче информира дека од изминатата недела има вкупно пет деца заболени од морбили, сите се невакцинирани. Четири од децата се од Скопје, а едно од Куманово.
Со оглед на овој голем опфат со вакцинација, како што рече, смета дека веќе и колективниот имунитет е на сериозно високо ниво, многу повеќе и позначајно од тоа што беше на почетокот на оваа година. Изрази надеж дека во следниот период нема да има голем број новозаболени, и покрај почетокот на новата учебна година и уписот во градинките.
Фото: Министерство за здравство
Тој најави дека оваа недела ќе свикаат состанок со Комисијата за заразни болести за да ги анализира новите бројки и потоа ќе видат дали ќе се остане на истата или ќе се донесе нова препорака.
– Но, нема да се смени тоа што го бараме за упис, како во градинките така и во основните училишта – рече Филипче.
Прашан и за групата родители што најавија тужба до Управниот суд, Филипче потсети дека пред неколку месеци имале средба во Владата со луѓето што се на страна на антивакцинацијата. На средбата присуствувале премиерот и министрите за правда и за труд и социјална политика. Договориле стручна средба на која тие ќе поканат луѓе кои ги застапуваат антивакциналните ставови.
– До судот пред неколку месеци стигна барање за една времена мерка која им беше одбиена – рече Филипче.
На новинарско прашање дека неофицијално има родители кои успеваат невакцинирани деца да запишат во основните училишта, Филипче рече дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши контрола на терен, како на потврдите за вакцинација така и на тоа дали се запишани деца без уреден вакцинален статус во училиштата.
– И врз основа на тоа секој ќе си преземе одговорност – потенцира Филипче.
912