Фани Јованоска е актуелен државен првак во категорија кадети во пинг-понг. Вели дека е подобра од конкуренцијата токму поради неуморниот дух, времето што го вложува во тренинзи и желбата за успех
Фани Јованоска е актуелен државен првак во категорија кадети во пинг-понг. Вели дека нејзината љубов кон овој спорт почнала од седумгодишна возраст, преку детска игра, со
играње со импровизирани пинг-понг рекети на обична трпезариска маса кај една нејзина другарка.
– Некако играта веднаш ми се допадна, ми стана интересна и веќе следниот ден посакав да ме запишат во пинг-понг клубот во Крушево – вели Фани.
Тренира веќе пет години во ППП Крушево. Сега има 12 години и е седмо одделение.
Најсилна страна ѝ е офанзивната игра
– Кај пинг-понгот ми се допаѓа тоа што е многу динамична игра која бара многу тренирање и постојано усовршување, а на турнирите што се организираат се запознавам со многу деца од различни делови на Македонија, како и од цела Европа и светот – споделува Фани.
Тренира речиси секој ден во клубот во нејзиниот град, но има и тренинзи за македонската пинг-понг репрезентација. Формата ја одржува со активен тренинг и со физички вежби, како и трчање, додава таа.
Вели дека е подобра од конкуренцијата токму поради неуморниот дух, времето што го вложува во тренинзи и желбата за успех.
Настапи во државата и во странство
Досега има добиено над 20 медали, од кои повеќето се златни.
– Имам добиено и признание од страна на Општина Крушево за посебен придонес во областа на спортот. Имам настапувано на голем број државни првенства, како и мастерс-турнири во нашата земја, а во странство имам учествувано на многубројни кампови и турнири, на пр., во Хрватска, Словенија, Косово, Шведска и на други места. Најдрага титула ми е од турнирот во Шведска, од каде што се вратив со два пехари за освоено прво и второ место во две посебни натпреварувања – раскажува Фани.
Од следната година менува категорија
Титулата државна шампионка во категоријата на млади кадети ѝ е особено драга оваа година затоа што од следната година нема веќе да настапува во оваа категорија.
– Баш сум горда дека последната година од оваа категорија ја завршив со златен медал како и претходните неколку години. Наредна е категоријата до 15 години каде што моментално сум на 2. место, но исто така учествувам и во повисоките категории до 18 и 21 година секоја година – вели Фани.
Чувството да се биде најдобар е она што ме мотивира да продолжам да се борам да освојувам титули, исто така тука се и моите родители, од кои ја имам постојаната поддршка и помош, тие ми се мотив плус, вели таа.
Покрај пинг-понгот, слободното време во лето го троши на пливање, а во зима често е на терените за скијање.
Фото: Приватна архива
912