На „Тик-ток“ се шири нов тренд во воспитувањето на децата наречен „ФАФО родителство“. Станува збор за пристап кој ги поттикнува родителите да им дозволат на децата на сопствена кожа да ги искусат последиците од своите одлуки наместо постојано да ги штитат од секоја непријатност.
Акронимот ФАФО (анг. FAFO) доаѓа од англискиот израз „Fuck Around and Find Out“, што слободно би се превело како „прави што сакаш, па ќе го видиш исходот“.
Основната идеја на ФАФО родителството е дека децата најдобро учат од природните последици на своите постапки. На пример, ако детето одбива да облече јакна иако е ладно, родителот може да му дозволи накратко да му застуди за да сфати зошто е потребна јакната. Слично е и со качувањето на столче – ако детето, и покрај предупредувањата, се качи и падне, искуството може поефикасно да го научи на претпазливост отколку стотина забрани.
Овој воспитен стил е спротивност на т.н. „хеликоптер-родителство“, во кое родителите се обидуваат да ги отстранат сите ризици и пречки од животот на детето. Иако самата филозофија не е нова, привлечното име ФАФО ѝ помогна да стане вирална на социјалните мрежи.

Што вели струката?
Експертот за родителство Нина Мутон смета дека овој пристап може да има и позитивни и проблематични страни. Од една страна, дозволувањето децата да ги искусат последиците од сопствените постапки може да биде исклучително корисно за нивниот развој.
– На тој начин децата развиваат чувство на одговорност и учат да решаваат проблеми. Кога ќе ја разберат врската меѓу причината и последицата, стануваат посамостојни и поотпорни – објаснува Мутон. Таквите искуства, додава таа, им помагаат да изградат самодоверба и да научат да ѝ веруваат на сопствената процена.
Каде да се повлече границата?
Сепак, Мутон предупредува дека ФАФО методата не е применлива во секоја ситуација. Клучно е да се направи разлика меѓу учење преку искуство и занемарување на безбедноста.
Родителска должност е да го заштити детето од сериозни повреди. Овој пристап, нагласува таа, никогаш не смее да биде изговор за пасивност, ниту начин за казнување на детето од фрустрација.
Намерата и поддршката се клучни
Најважниот елемент на ФАФО родителството, заклучува Мутон, е намерата што стои зад примената на оваа метода и поддршката што родителот му ја дава на детето по непријатното искуство. Целта не е детето да страда, туку да научи нешто.
Успехот на оваа метода зависи од тоа дали се спроведува со љубов и со желба детето да стане посамостојно или станува збор за пасивно препуштање на ситуацијата.