Многу супермаркети и продавници со недели веќе рекламираат неверојатна понуда за училиштен прибор каде што нудат голем број тетратки за неверојатно ниски цени – понуда на која родителите не можат да ѝ одолеат. Сепак, иако распонот на цените е неверојатно голем, постојат и правила за одбирање и купување училиштен прибор.
Тоа што сè уште не сте купиле „половина“ книжарница значи само едно – дека сте свесни дека училишниот прибор се купува по список кој е направен врз основа на препораките и барањата на наставниците. Сè друго, тврдат искусните родители, е трошење пари во месецот кој спаѓа во најтешките за родители чии деца одат на училиште. Ова еднакво е важно и за првачињата и за повозрасните деца затоа што тетратките што се купуваат однапред често не ги задоволуваат очекувањата на наставниците и учителите.
За малите деца задолжително одбирајте што поквалитетни работи, а со самото тоа и поскапи тетратки, моливи, гуми за бришење и боички затоа што често ќе грешат и ќе го бришат напишаното, па неквалитетната хартија лесно ќе се кине. Како што ќе расте детето, така ќе станува поуредно, па помали ќе бидат шансите со гумичката да ги оштети листовите од тетратката. На децата дозволете им сами да ги избираат кориците, но избегнувајте ги оние со грбовите на фудбалските клубови затоа што може да бидат причина за конфликт со други момчиња. Не купувајте им тетратки со тврди корици, доколку наставникот не го побарал тоа, затоа што непотребно ќе им тежат во ранецот.

И моливите и боичките треба да бидат што поквалитетни затоа што поубаво се острат и потешко се кршат. Доколку се одлучите за поевтините, ако цената ви е единствениот репер, почетната заштеда брзо ќе ви се стопи затоа што за само неколку дена детето ќе почне да се жали дека боичките и моливите од силното стегање и кршење им станале 2-3 сантиметри. Истото правило важи и за линијарите, кои по правило први страдаат. Еластичните линијари се значително поскапи, но имаат и најголеми шанси да го „дочекаат“ крајот на школската година нескршени, за разлика од обичните кои ќе ги купувате барем еднаш месечно.
Од друга страна, ако вашето дете често ги заборава или ги губи своите предмети, размислете дали ви се исплаќа да давате повеќе пари за нешто што повторно ќе треба да го купите затоа што детето го загубило.
Всушност, многу е важно детето да се научи да ги чува своите работи, а не да смета на резервите што ги создале родителите или дека секогаш ќе добие пари да го купи она што му недостига. Под чување на работите би требало да се подразбира еднаква грижа и за најевтината гумичка за бришење и за најскапиот шестар затоа што не станува збор за цената, туку за развивање чувство на одговорност. Се разбира, штетата е поголема ако детето го изгуби скапиот комплет квалитетни линијари и триаголници, хемиското пенкало или други предмети што спаѓаат во поскап училиштен прибор.
Без оглед за што ќе се одлучите, за поскапи или поевтини тетратки, моливи, гумички, боички, острилки, темперни бои, блокови и други потребни работи, не однесувајте се како утре да е крај на светот. Не правете резерви за цела година затоа што сè може дополнително да се купи ако постои потреба.

 



912

X