Децата се мали луѓе, со свои желби, приоритети, чувства, па не е тешко да се разбере дека, многу често, нема да постапат онака како што мислиме дека би требало. Заедно со сите други предизвици што ги носи родителството, ова може да биде доста фрустрирачко. И нашата прва реакција често е викање.

Од друга страна, кога им викате на децата, додека тоа го ослободува вашиот гнев и ви помага да се чувствувате посмирени, никому не му носи ништо добро. Многу истражувања покажаа дека постојаното викање на децата е извор на исто толку емоционална штета како и физичкото казнување. И како сето тоа да не е доволно, тука е и фактот дека викањето нема да ги направи подобри. Напротив, може да се случи однесувањето да стане уште полошо.

И кога ќе успееме да се надминеме себеси и да престанеме да викаме, се случуваат многу добри работи, само ако сме доволно упорни. Еве што ќе се смени.

Вашето дете ќе слуша повнимателно

Кога викаме, наместо да се обидуваме да разбереме што се случува со детето, ние всушност го принудуваме да се затвори. И не само тоа. Со тоа што им викате на децата, наместо да им помогнете да научат нешто од ситуацијата во која се нашле, вие ги заплашувате да послушаат. Како резултат на тоа, можеби ќе го направат она што вие ги замолувате, но нема да научат ништо, освен дека треба да ги слушаат родителите кога тие викаат.

Детето повеќе ќе ви верува

Честото викање ја слабее врската помеѓу родителите и децата. Размислете за тоа дали би можеле да бидете поврзани со некој што ви вика речиси секој ден? Тоа е, всушност, најбрзиот начин да ја уништите врската со вашето дете. Затоа што, не заборавајте, родителот е единствено одговорен за врската помеѓу родителот и детето, за довербата што се негува во тој однос. И ако тој родител редовно вика, неговите деца ќе имаат проблем да воспостават доверба во која било врска во детството, а можеби и подоцна во животот.

Ќе се чувствувате како подобар родител

Дали некогаш сте му викале на детето и сте се чувствувале добро потоа? Или, уште подобро прашање: Дали некогаш сте му викале на детето, а потоа сте се чувствувале како да сте постигнале нешто добро? Одговорот веројатно е не, бидејќи длабоко во себе, дури и оние што не сакаат да го признаат тоа, знаат дека викањето е лош метод на воспитување.

Целото семејство ќе функционира подобро

Кога ќе престанете да викате и ќе почнете да му приоѓате на вашето дете на поинаков начин, климата во целото семејство се менува. Викањето како навика и дел од секојдневието не носи ништо добро. А кога ќе исчезне, семејството може само да расте и да изгради поубава и подобра врска.

И пред да кажете дека сето ова звучи убаво теоретски, но тешко се спроведува во практика, мораме да забележиме: се разбира, викањето не може да исчезне одеднаш. Ние сме луѓе и ќе се случи емоциите да го надминат разумот. Единствената поента е што учиме самоконтрола и се трудиме да градиме здрави односи секој ден.

Извор



912

X