Кога имате деца, вашиот дом одеднаш може да изгледа како стапица за несреќи. Држењето подалеку од шпоретот и заштитата на острите агли на масичките можеби не се доволно, бидејќи обичните предмети како столчиња и кујнски тави можат да станат рецепт за катастрофа.
Откако „видела премногу трагедии“, педијатарот д-р Ники објавила видео на „Тик-ток“ во кое споделила три работи што ги прави дома за да ги заштити своите три деца. Откако видеото собрало повеќе од 100.000 лајкови, таа објавила уште едно видео со уште три безбедносни ризици, а тоа се веројатно мерки за кои повеќето родители не би ни помислиле да ги преземат.
Педијатарот им советува на родителите да внимаваат на следните шест работи за да ги заштитат своите деца:
Не оставајте ништо со врвки и ремени во нивна близина
Таа стара торба за вежбање што ја оставате на каучот нема да им наштети, нели? Погрешно. Љубопитното дете може да го земе ременот и да го завитка околу вратот за забава, доведувајќи се во смртна опасност од задушување.
-За жал, може да биде предоцна дури и пред да забележите дека нешто се случува – вели педијатарот.
Истото важи и за сè што содржи копчеста батерија
Особено ако таа батерија лесно се одвојува, тогаш претставува сериозна опасност од задушување.
-Ако вашето дете проголта батерија, дајте му мед ако е постаро од една година. Ако е под една година, веднаш одете на итна помош – советува таа.
Медот може да помогне во премачкување на батеријата и неутрализирање на некои од алкалните супстанции што можат да предизвикаат изгореници и оштетување на ткивото. Медот не се препорачува за бебиња поради ризикот од ботулизам.
Не ставајте го палтото или џемперот преку стол
-Многу е возбудливо за вашето дете кога може да дофати нешто и да го повлече надолу, а многу лесно е тој стол да падне директно врз него – објаснила таа.

Свртете ги рачките на тавите и тенџерињата навнатре
Ако рачката стрчи, детето може случајно да ја преврти, што може да предизвика изгореници – и да ја уништи вечерата.
Чувајте ги чашите и чиниите во центарот на работната површина
Особено ако содржат жешки течности, лесно можат да се превртат, предизвикувајќи изгореници и, погодивте, повеќе солзи.
Исечете ги чери-доматите
Ова можеби не е очигледно, но вашето дете може да се обиде да голтне цел мал домат, што претставува опасност од задушување. Истото важи и за други видови храна со слична големина и облик.
Повеќе од 2.100 деца во САД починале од задушување помеѓу 1999 и 2013 година, а колбасите, бонбоните и грозјето се најчести причини, според извештајот на „Њујорк пост“.