Воспитување

Еве ја вистинската причина зошто децата не можат да се смират кога имаат излив на бес

Клинички психолог и професор на „Харвард“ објаснува како всушност функционираат детските изливи на бес и како би требало да реагираат родителите при таквите емоционални хаоси.

– Константно впиваме емоции од луѓето околу нас. Тие се дел од причините зошто понекогаш е толку исцрпувачки да се биде покрај деца и тинејџери (и покрај нивните вртелешки од емоции). А кога нашите срца и умови се поматени со емоции, не реагираме мудро како што би требало – објаснува Кристофер Вилард, клинички психолог и професор на „Харвард“, кој со години го проучува свесното воспитување на децата, и науката и мудроста што стојат зад него.

Тој додава дека нашиот капацитет за смиреност во текот на детските изливи на бес дава надеж бидејќи сигнализира дека смиреноста е можна насред хаос.

Детските изливи на бес функционираат на инстинктивно ниво кое едноставно не одговара на причината

Д-р Вилард како пример ги споменува невронаучникот Ден Сигл и експертот за родителство Тина Брајсон, кои на креативен начин ова го опишуваат како „приземје“ и „горен кат“ на аспектите на мозокот. Имено, нашиот најстар дел од мозокот (лимбичкиот систем и амигдалата) е реактивен и емоционален, управуван од импулсивни, краткорочни интереси и примитивни нагони. Тој детинест, импулсивен и инстинктивен систем живее во приземјето.
Во меѓувреме, надворешните кори на мозокот, кои ни овозможуваат да ги спречиме импулсите, да забавиме, да стекнеме перспектива, да го процесираме емоционалниот стимуланс и да го артикулираме стимулансот во мислите и дејствувањето – живее на горниот кат. Тој горен дел од мозокот ни помага да планираме, да размислиме пред да дејствуваме, да носиме морални одлуки и да ги обликуваме односите.

Во текот на изливите на бес, кога амигдалата и емоциите се на својот врв, речиси е неможно логиката да пробие до затворените надворешни кори од мозокот на децата. Треба да се смириме, да им помогнеме и да ги извлечеме од изливот на бес, а тоа бара мудрост, сочувство и многу трпение од наша страна.

Треба да запомнеме дека нашите деца не се минијатурни возрасни луѓе, нивниот мозок во развој е неспособен да заземе перспектива на возрасно лице и да го употреби таквото знаење за да се смири. Доколку го запомниме ова, си помагаме самите на себе да видиме дека изливите на бес не се методички произведени манипулации. Детските изливи на бес функционираат на инстинктивно ниво кое едноставно не одговара на причината.
Кога децата ќе се спуштат во долниот хаос од мозокот, родителите треба да вложат многу труд да го смират својот префронтален кортекс, кој е поврзан со планирањето и размислувањето и кој е сместен во подрачје што е најблиску до лицето – токму за да можеме јасно да ја согледаме ситуацијата. Не е случајно што префронталниот кортекс е најсофистицираниот одраз на нашата еволуција. Од гледиште на еволуцијата, тоа е последната кортикална регија што се развива за да се покаже целосниот фитогетски и онтогенски напредок.

Нежен глас или допир најмногу функционира

Постои една интересна фраза: „Никогаш во историјата на смирувањето ниту една личност не се смирила кога ѝ било речено да се смири“.
Да им се вели на децата да се смират не функционира ни наполу добро како нежен глас или допир, кои поттикнуваат внимателна и пријателска реакција и лекување со окситоцин, таканаречен љубовен хормон. Кога еднаш ќе воспоставиме фундаментална поврзаност со детето (или со кој било друг), можеме да ги отвориме умот и срцето кон друга личност, да ја видиме туѓата перспектива и заедно да тргнеме напред.

Кога детето ќе се смири, можете да почнете со вербално процесирање и планирање. Што треба да се обидете?

* да продолжите да го поттикнувате префронталниот кортекс, прашувајќи го детето која последица би била праведна според неговото мислење;
* да не ги заборавите основните потреби на детето – понекогаш е доволно да се одмори или да се нахрани за да се смири;
* понекогаш треба да се биде креативен за да се оттргне вниманието на детето од проблемот – со други зборови, потребно е на некој начин да се „грабне“ долниот дел од мозокот и детето да се наведе да го активира своето тело;
* да се поткренат сетилата на детето со силни сетилни стимуланси – пикантна храна, мирис или вкус на лимон, излегување на воздух;
* да се обидете да го придвижите неговиот префронтален кортекс со навидум случајно прашање: „Што сакаш за вечера?“, „Како се викаше кучето на твојот другар?“
* да се намали доминацијата на амигдалата со игри – игри со карти, забавни игри со зборови, домино – потоа поедноставно можете да го насочите детето назад, на правиот пат.

На крај д-р Вилард заклучува дека е многу важно да се именува она што го поттикнало изливот на бес откако ќе се смири ситуацијата, односно кога ќе го прекинеме изливот со некој од овие начини. Не морате повторно да ги изнесувате деталите за секој конфликт, но запомнете дека доследноста секогаш е клучна во воспитувањето здрави и отпорни деца.

 

Поврзани написи

To top