Како што се наближува терминот, секоја трудница размислува за тој ден. И колку и да слушаме и читаме текстови и искуства, никогаш не можеме да знаеме како ќе изгледа нашето породување. Сепак, можеме да размислуваме за тоа што сакаме, а што не, што би можеле да прифатиме, а што апсолутно не можеме. Една од првите работи на кои размислуваме е епидуралната анестезија.
И додека секоја жена има свое мислење за тоа, а некои жени никогаш не би ја пропуштиле оваа погодност која ја намалува болката, други не ја сакаат поради страв од несакани ефекти или едноставно поради стравот од игли. Во секој случај, добро е да знаеме дека имаме избор. Сепак, истражувањето спроведено неодамна може да изненади некои, бидејќи епидуралната анестезија може да го намали ризикот од сериозни компликации поврзани со породувањето кај мајките за повеќе од една третина.
Имено, со следење на трудниците кои се одлучиле или не се одлучиле за епидурална анестезија, научниците откриле дека жените кои ја примиле оваа анестезија за ублажување на болката имале многу помали шанси да развијат состојби како сепса и срцев удар за време на породувањето и во неделите по породувањето.
Истражувачите ги искористиле овие резултати за да сугерираат дека полесната достапност на епидурална анестезија може да помогне да се смени растечкиот тренд на смртноста кај мајките и компликациите во породилиштата.
Истражувачите проучувале 567.216 жени во шкотските болници, од 2007 до 2019 година, кои се породиле вагинално или со непланиран царски рез. Од нив, 125.024 примиле епидурална анестезија.
Истражувањето го спровеле научници од универзитетите во Глазгов и Бристол и откриле дека епидуралната анестезија го намалува ризикот од потенцијално опасни за живот состојби за 35 отсто или за една третина.
Дополнително, епидуралната анестезија се покажала како поефикасна кај жени што родиле предвреме или имале претходни медицински или акушерски состојби.
– Ова ја нагласува потребата да се обезбеди пристап до епидуралните анестезии особено за оние што се најранливи – жените кои се соочуваат со поголем здравствен ризик или предвремено родиле – вели водечкиот автор на истражувањето, професорката Рејчел Кернс од Универзитетот во Глазгов.
912