Како епидемиолог и мајка на 3 деца (на возраст од 6, 13 и 16 години), добивам многу прашања за летните одмори, па давам совети за плановите за патување. Со ковид-19 и неговото задржување подолго од очекуваното, како и појавата на новите соеви, добро би било да знаете неколку совети кои може да ги вметнете во вашата летна рутина, со цел заштита од вирусот и безбедно патување.
Не претерувајте со патувања
Првиот совет е да одолеете на желбата и потребата да патувате многу и секаде. Сите сме бомбардирани со најразлични реклами кои нè охрабруваат да направиме сè и сешто, но одолејте на тие искушенија. Поважно е да се заштитите. Патувајте, но оставете и празно место во вашата агенда, не е потребно да одите на сè и секаде.
Планирајте однапред
Патувањето станува полесно, освен за некои ризични места. Направете проверки пред да тргнете на пат – информирајте се за најновата состојба со ковид-19 на локациите кои сакате да ги посетите, бидете во тек со настаните. Некои земји бараат и негативни тестови за влез или сертификат за вакцинација, па обезбедете ги и тие документи.
Одлучете се за транспортот
Авион, воз, автомобил се добри начини за патување, но со себе носат и ризици од инфекција со ковид-19. Најбезбедно е да патувате со сопствен автомобил со членовите од вашето домаќинство. И покрај тоа, бидете внимателни кога се движите низ јавни места. Без разлика дали е во сила мерката за носење маска, вие имајте ја со себе и ставете ја кога има голема фреквенција на луѓе или во затворени простории, често мијте ги рацете и дезинфицирајте ги. Практикувајте го тоа дури и ако сте вакцинирани.
Мудро изберете ја својата дестинација
Препорачувам да се избегнуваат луна-паркови, крстосувања и други активности каде што има голема фреквенција на луѓе. Одлично би било летниот одмор да го искористите за посета на места и знаменитости во сопствената земја, како и да се поминува доста време во природа. И науката потврдува дека престојот на отворено во природа носи големи придобивки за имунолошкиот систем. Ако посетувате членови од семејството кои се со поголем ризик од тешко заболување, на пример, постари или болни лица, размислете повторно дали да го остварите патувањето ако тие луѓе сè уште не се вакцинирани. Вашите сакани нека бидат безбедни.
Откако ќе резервирате и испланирате:

Внимавајте на симптомите
Ако вие или некој од членовите на семејството покаже некој симптом на ковид-19 пред да заминете на патување, откажете ги плановите. Можеби тоа ќе ве чини одредена сума пари, но здравјето е пред сè. Ако добиете некакви симптоми на самото патување, не посетувајте различни места. Останете на едно место и не изложувајте ги другите на ризик. Имајте со себе предмети за занимација, во случај да „заглавите“ во хотел.
Мислете позитивно и вреднувајте ги и малите нешта
Сигурно ова лето веќе искусувате различни емоции, со оглед на целата ситуација. Имајте трпение и оваа година патувајте со различен ментален склоп – дури и патувањето до дестинацијата е дел од авантурата. Мислете позитивно и вреднувајте ги и малите нешта.
Останете свесни за важноста на здравјето
Без разлика каде ќе патувате, останете совесни. Пијте течности, хранете се здраво, со многу овошје и зеленчук, одржувајте го имунолошкиот систем. Посветете се на здрав живот и чувајте се себеси и оние што ги сакате.
Заклучок
Ако сакате да патувате со семејството ова лето, планирајте однапред и истражувајте каде одите и како ќе стигнете до посакуваната дестинација, во зависност од тоа што е најбезбедно за вашето семејство. Запомнете дека вакцинацијата, носењето маска и миењето раце како засебни мерки не се 100 проценти ефективни, па клучот за намалување на ризикот од заразување е комбинација на техниките за да се минимизира можноста од заразување или ширење на ковид-19.
Автор: д-р Ронда Спенсер-Хванг