Доаѓањето на новото бебе во домот е голема работа, особено за вашето прво дете. Мора да знаете дека неговите реакции се оправдани колку и да ви се чинат неразумни и неприфатливи. Вие сте единствената личност што може да му помогне да се навикне на новиот брат или сестра.
Овие насоки ќе ви помогнат и вам и на вашето дете подобро да се снајдете во ситуацијата и да го пребродите овој тежок период.
1. Прифатете ги неговите емоции и обидете се да не го осудувате
Доколку се ставите во ситуација на првороденото дете, тогаш јасно ќе ви биде дека љубомората, лутината и бесот не можат да се избегнат. Затоа е важно ова да го прифатите како природна реакција на новата ситуација. Исто така, важно е да не го осудувате детето и да не го казнувате.
2. Размислете и препознајте ги своите емоции, а потоа потрудете се да се смирите
Децата може да ги манифестираат своите емоции на различни начини: со испади на незадоволство, постојано молење да играте со нив, барање да пијат млеко од шише (како бебе), па дури и агресивност кон вас и кон бебето. Сите овие испади кај родителите можат да предизвикаат чувство на лутење, загриженост, па дури и вина. Тоа се нефункционални чувства затоа што ќе ве доведат до ситуација да викате, да го казните детето или постојано да се обидувате да го надоместите изгубеното време со постарото дете.
3. Доколку вашето дете е агресивно, немојте да го казнувате, туку…
Доколку вашето дете е агресивно кон бебето или кон вас, обидете се без паника и смирено да го отстраните од ситуацијата (ако треба без збор земете го в раце и физички отстранете го, без грубост). Почекајте да се смири, па потоа кажете му дека не ви се допаѓа тоа што го направило и кажете му ги последиците од неговото однесување. Секако, ова треба да го повторувате сè додека не исчезне агресивното однесување.
Доколку детето сè уште е мало и не зборува, доволно е само да му кажете: „Ние не ги удираме другите“. Оваа реченица треба да биде изговорена како некое правило, без викање, но одлучно.
4. Поминете време насамо со вашето прво дете
За да се почувствува прифатено во семејството, важно е барем еднаш неделно вие и вашето прво дете да поминете време без бебето. Одете на кино, на прошетка, во шопинг, во слаткарница. Важно е да направите детето да се чувствува важно во вашите очи и да градите и да одржувате квалитетна комуникација.
5. Направете првороденото дете да се чувствува корисно кога треба да се грижи за бебето
Би било добро да го вклучите детето во рутинските активности околу бебето. На пример, детето може да биде задолжено за носење на пелените и влажните марамчиња кога треба да се пресоблече бебето. Или кога ќе го капите бебето, оставете го вашето дете да помогне. На овој начин се задоволува потребата детето да придонесе за семејството.
6. Уште неколку совети што би можеле да ви помогнат
– Пред раѓањето на второто дете, немојте да правите големи промени што би можеле да влијаат врз постарото дете, па тоа да помисли дека бебето е причината за оваа промена. Исто така, бидете искрени и објаснете му на детето дека кога бебето ќе дојде на свет, ќе биде досадно, постојано ќе плаче и мама и тато ќе мора постојано да бидат до него. Но, посочете му дека тоа ќе треба да му биде заштитник и учител на бебето, и дека бебето ќе научи многу работи од него.
– Кога мајката ќе се врати дома, важно е таа да се поздрави со поголемото детето, а потоа следува запознавањето со новото бебе. Треба да му се даде подарок што бебето го донело за него.
– Би било добро и на вашите пријатели и роднини кои доаѓаат да го видат бебето да им посочите прво да му посветат внимание на постарото дете, а потоа на бебето.
– На постарото дете покажувајте му фотографии кога било мало бебе и како сите биле околу него. Објаснете му дека кога бебето ќе порасне, тогаш ќе може само да се грижи за себе.