Воспитување

Емотивно писмо на мајка на дете со аутизам: „Ова е за сите што нѐ игнорираат“

Родителите на деца со аутизам често се соочуваат со предрасуди и процени од околината, често од други родители кои не знаат како е да се има дете со ова нарушување. Една мајка решила да им се обрати токму на таквите, а нејзиното емотивно писмо објавено во „Гардијан“ го пренесуваме во целост.

– Ги гледам вашите погледи на игралиштето, целосно сум свесна дека сум родител на „непослушно дете“. Разбирам дека сте загрижени за образованието на вашето дете кога моето дете е вознемирувачко. Можеби и вие сте еден од оние родители што се пожалија за моето дете кај директорката. Ја спуштам главата, дишам полека… Морам да штедам сили за да го пречекам моето дете со насмевка на лицето и да му ги избркам грижите. Се надевам дека учителката нема да се појави повторно со цел список со поплаки и ќе си одиме дома со мир.

Мојот син има аутизам, не е злобен

Не знам што ви беше кажано, ако воопшто нешто било кажано. Мојот син има аутизам и тешко се справува со метежот и бучавата во училница. Во минатото, тој тропаше по маси и столови обидувајќи се да ја изрази својата вознемиреност, а класот беше евакуиран. Разбирам дека вашето дете тогаш беше исплашено. И моето дете беше исплашено – исплашено до тој степен што повеќе не можеше да ги контролира своите постапки. Тој не е злобен.

Кога читате во вести дека буџетите за специјалното образование се скратени низ целата земја, веројатно мислите дека тоа не е ваша работа, но е. Ни требаше повеќе од една година, со голема помош од училиштето, да добиеме дијагноза и средства за да обезбедиме каква било помош. Во исто време, морав да ја напуштам работата.

Вашите деца се многу љубезни кон моето дете, мислам дека можете многу да научите од нив.

Ако одвоите време да разговарате со него или да го поканите на игра или забава (не оди кај многумина), ќе видите дека е добро воспитан и учтив. Тој е, исто така, бистар, смешен, грижлив, интересен и има освежувачки поинаков начин на гледање на светот. Вашите деца го знаат ова – дали некогаш ви го споменале?

Продолжете да ме игнорирате и да ми шепотите зад грб

Надвор од училиште запознав многу други родители на деца со аутизам. Тие се храбри, добри и издржливи луѓе полни со поддршка, од сите сфери на животот, а нивните деца имаат многу да му понудат на светот. Се гордеам со нив, тие се моето мало племе.

Затоа, слободно продолжете да ме игнорирате, да се жалите и да ми шепотите зад грб. Во секој случај, тука сум само за моето дете – вели мајката.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top