Секоја мајка барем еднаш почувствувала вина. Дали му посветувам доволно време на моето дете? Дали прерано се вратив на работа? Дали правилно ги балансирам работата и семејниот живот? Тоа се прашања со кои мајките се соочуваат секојдневно, а не треба затоа што, да бидеме искрени, мајчинството е сè освен лесно.
Една учителка зборуваше за ова сè почесто чувство на вина меѓу мајките, а нејзината емотивна порака ја споделила мајка на две деца, Ана Мелор, на нејзиниот профил на „Тик-ток“.
„Кога гледам низ мојата училница, не можам да кажам кој прв лазел, кој одел или кажувал реченици пред 15 месеци. Не можам ни да кажам кого го доела мајка му, а кој се хранел со шише. Но, знаете што можам да кажам кога ќе ги погледнам? Можам да кажам кои семејства ги ценат љубезноста и манирите во својот дом. Можам да кажам кое дете се чувствува сакано и безбедно дома (и на училиште, што за жал не е сечие искуство)“, напишала таа во пораката.
„Можам да кажам како зборувате со вашите деца според тоа како тие разговараат со другите. Кога ги гледам моите ученици, не ги гледам нивните пресвртници, туку само гледам кои се тие – нивните срца, нивните постапки, нивниот внатрешен глас, нивните борби и триумфи, а јас ве гледам вас, драги мајки, и сета ваша љубов што ја влевате во нив“, им рекла таа на мајките.
Пораката особено ја трогнала Ана, која вели дека се чувствува како да ѝ е тргната голема тежина од грбот. Имено, мајчинската вина е многу реална и вообичаена.
„Тоа е исцрпувачко чувство од кое може да биде многу тешко да се ослободите. Мислам дека оваа порака е утеха што им е потребна на многу мајки секој ден. Секоја од нас го прави најдоброто што може за своите деца, но понекогаш чувствуваме дека ништо не е доволно добро“, коментира таа на крајот од видеото, кое го коментирале и многу други мајки кои се соочуваат со истиот проблем.