Бесот е природна емоционална реакција, иако е непријатна за телото и умот. Бесот, пред сѐ, се изразува во моменти кога сакаме да промениме нешто. На пример, ако мајката му купи на детето патики кои не се по негов вкус, а не го прашува за мислење, детето може да се разбесни и упорно да не сака да ги носи тие патики што ги одбрала мајката. Тогаш веројатно лутината кажува дека детето сака да ја промени ситуацијата: да биде прашано што сака или какво мислење има; да почувствува дека другите го ценат тоа што нему му се допаѓа.
Бесот ни сигнализира дека сакаме промена, но проблемот настанува кога поради напнатоста и чувството на непријатност, сакаме да ја направиме промената веднаш и по секоја цена. Најголем проблем настанува кога сакаме другите да ги присилиме на промена. Ако сакаме промена, тогаш прво треба да видиме како тоа може да се стори заедно. Во заднина на лутината и бесот честопати стои тагата. Некои од нас полесно допираат до сопствениот бес и гнев и полесно ги изразуваат, наместо да ги доживеат и изразат чувствата на повреденост, тага и беспомошност кои (честопати) се во основата на бесот и гневот. За да се намали агресивноста кај децата, треба да се стремиме кон зголемување на нивната самодоверба и кон чувството дека тие можат да влијаат врз условите во кои живеат и опстануваат. Бесот сам по себе не мора да биде деструктивен, како што споменав погоре; тој често е моторната сила за промени во животот. Но, ако не им се даде простор за изразување и експресија, акумулираната лутина и повреденост можат да станат застрашувачки деструктивни за детето или за околината.
Соочувањето со лутината помага да се препознае што лежи под сопствен бес. Ако, на пример, во коренот на бесот е стравот, тогаш треба да го решаваме стравот, а не неговиот надворешен израз – бесот, т.е. симптомот. Причините зошто стравот се изразува како бес можеме да ги најдеме во воспитните стилови и културата: на пример, во нашата средина машките деца неретко од мала возраст учат да го изразуваат стравот во форма на бес.
Автор: м-р Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца