Некогаш ги прашувавме децата што сакаат да бидат кога ќе пораснат. Денес би било подобро да прашаме: „Што сака мама да бидеш кога ќе пораснеш?“
Често читам текстови за различните слободи што денес на децата им се даваат уште од раѓање, особено за слободата на избор. Не ѝ ги дупи ушите, нека одлучи сама да го направи тоа кога ќе порасне. Остави го сам да каже кога сака да спие, кога да јаде, што да јаде, што да облече…
Од површни до сериозни работи, остави го сам да избере бидејќи „лајф коуч мастер мајнд чајлд гуру“ рече така. Не ги прифаќам повеќето такви современи упатства за воспитување на моето дете, но тоа е моја лична работа.
Она за што сакам да зборувам е следното:
Дали сте забележале дека нашите социјални мрежи се преполни со девојчиња кои од втората, третата година, „сериозно“ позираат додека мајките ги фотографираат? Дали овие девојчиња (дечиња, бебиња) сами одлучуваат дека сакаат да бидат во поза „скршен колк, превртена нога“, на инстаграм-профилите на нивните мајки (кои најчесто се јавни). Мајките со овие слики собираат лајкови, следбеници, коментари и заработуваат пари. Едноставно кажано – заработуваат пари покажувајќи им го роденото дете на туѓинци.
Кога станува збор за возрасни, мене може нешто/некој да ми се допаѓа или не, но немам право да коментирам. Секоја возрасна жена сама избира како сака да изгледа, како сака да се претстави на социјалните мрежи, како да се однесува… Јас исклучиво зборувам за деца!
Се обидувам да ја разберам поентата, да ја видам целта. Што сака да постигне со тоа една мајка?
Се обидувам во мојата глава да го замислам нивниот дијалог за време на фотосесијата: „Душичке, мораш да го вовлечеш стомакот за да не изгледаш дебело. Среќо на мама, немој со стапалото да го допираш подот за ногата да ти изгледа подолга. Мамино, горниот дел од телото однеси го малку наназад за струкчето да ти изгледа потенко. Душа на мама, стави ги рацете над главата, малку отвори ја устата за да изгледаш замислено“.
Дали ова не е болно? Изопачено? Несоодветно? Ужасно?
Веројатно некој ќе рече дека децата сами го прават тоа, без никакви инструкции и уживаат во сето тоа. Но, сите знаеме дека тоа не е вистина. Секој што има дете може да потврди дека детето го имитира моделот што го гледа. Најчесто тоа се родителите. Децата се раѓаат без навики. Без модел. Давајќи им пример, повторувајќи ги активностите што сакаме да ги усвојат, ги обликуваме. Ние создаваме основа за тие да продолжат понатаму. А што е основата денес?
Од друга страна, толку труд, работа, години, напор, живот е вложено за да се реализираат правата на жената. Насекаде зборуваме за еманципација на жената, а родената ќерка уште од раѓање ја сведуваме само на визуелно. И таа расте во жена која знае само да биде убава. Други квалитети? Вештини? Способности? Покажи колк, искриви ја ногата, навали ја главата и насмевни се!
Автор: Лилјана Шпаниќ