Бидејќи сум личност, поточно родител со тенденција да се грижи, често се фиксирам на загрижувачките мисли додека го гледам моето најстаро дете како се мачи со  следењето онлајн-настава. Како ќе му влијае сето ова – целата чудна академска година? И што ќе се случува со неговите врсници и сите деца во земјата и светот кои ја започнаа учебната година пред своите компјутери и таблети или, пак, воопшто не следат? Се разбира дека никој го нема одговорот на ова прашање бидејќи оваа академска година е неизвесна. Експертите за образование и ментално здравје почнуваат да сметаат на ефектите од оваа година. Секцијата „Родители“ од „Хафингтон пост“ нуди неколку предвидувања за оваа „изгубена година“ и нејзиното влијание врз децата.

1. Ќе има заостанување во напредувањето

Експертите се согласуваат дека повеќе деца ќе заостанат со напредувањето, но вистинското прашање е колку? Неодамнешна процена посочува дека децата што следат онлајн-настава ќе изгубат 4 месеци учење додека повторно да почнат да одат на училиште со физичко присуство  – ако тоа воопшто се случи. Децата што добиваат слаби инструкции во целиот тој процес или немаат доволно можности за следење ќе изгубат 11-14 месеци учење.

– Во многу случаи, децата ќе бидат речиси една година назад со учењето. Сметам дека се работи за универзална загуба – предупредува Брајан Перкинс, професор.

2. Нееднаквоста ќе биде поголем проблем од порано

Експертите што работат во здравство или образование веруваат дека повеќето проблеми што ги засегаат децата, семејствата и едукаторите за време на пандемијата отсекогаш биле присутни, но сега ќе бидат во голема мера зголемени. „

– Празнините што отсекогаш постоеле сега ќе бидат многу поголеми. Учениците од побогатите краеви поверојатно е дека ја започнале годината со онлајн-следење, но децата од сиромашните делови најверојатно имаат недостиг на алатки и можности за приклучување на интернет. Богатите можеби ќе ги пратат децата во приватни училишта, па сето тоа ќе доведе до поголем јаз помеѓу богатите и сиромашните – вели Нермин Дашуш, професор за ран детски развој на Универзитетот во Бостон.

3. Да сфатиме во каква состојба се децата

Критично ќе биде да се најдат начини за да се одреди колку деца ќе бидат погодени од пандемијата во конкретна смисла.

– Децата чии семејства се физички здрави, економски стабилни, чии родители се достапни и даваат поддршка и кои може да си дозволат квалитетно образование, може да искусат емоционален стрес на краткорочен план. Но, ќе има многу други деца што ќе бидат изложени на ризик да развијат депресија, анксиозност и други состојби со менталното здравје. Има деца во чии семејства некој изгубил работа, има помалку економски ресурси и се соочува со нестабилност – вели Стивен Мејерс, професор по психологија на Универзитетот „Рузвелт“ во Илиноис.

– Други може да искусуваат зголемен ризик бидејќи членови на семејството се физички болни или развиваат сериозни психолошки одговори на пандемијата. На голем ризик се изложени и деца што имале претходни проблеми со менталното здравје. Постојат техники и стратегии кои може да им помогнат на децата да надоместат, но прво треба да се идентификуваат проблемите. Дали ќе се инвестира во наставниците, па тие да дознаваат како, или ако се вратат во училниците во 2021 година, наместо да има две деца кај кои се потребни тие интервенции, ќе има 20 – вели Перкинс и додава дека стравува оти на наставниците нема да им биде дадено време, поддршка и обуки за да го менаџираат тоа сценарио.

4. Нашиот нов предизвик: да им помогнеме на децата повторно да го засакаат учењето

Голем број деца велат дека не го сакаат далечинското учење. Две третини од наставниците велат дека нивните ученици се помалку вклучени во далечинското учење.

– Сето ова ќе влијае врз нивниот однос кон учењето. Мислам дека голем број од децата нема да се задоволни од оваа учебна година – вели Дашуш и верува дека родителите и едукаторите треба да бидат подготвени дека пандемијата нема да резултира само со губење на наученото, туку и со губиток на љубовта кон учењето кај многу деца, дури и кај оние што изгледаат активни и вклучени во онлајн-наставата

– Треба да се фокусираме на работите што знаеме дека ќе имаат долгорочен ефект. Прочитајте им добра книга. Уверете се дека ги учат работите за кои навистина се заинтересирани – вели Дашуш.

Автор: Кетрин Пирсон

Извор



912

X