Празниците и семејните собири носат многу радост, храна, смеа и често неизбежен момент кога детето треба да ги поздрави роднините. Бабите ги ширaт рацете, роднините се насмевнуваат и се наведнуваат кон детето, а родителите во себе помислуваат: Што ако моето дете не сака прегратка?
Д-р Дебора Гилбоа, педијатар и експерт за родителство, објаснува дека токму ваквите ситуации се предизвикувачки затоа што се судираат „добрите манири“ со телесната автономија.
– Физичкиот допир никогаш не треба да биде присилен. Го збунуваме детето ако го учиме за приватноста и безбедноста на телото, а потоа го принудуваме на прегратка која не му е пријатна – вели д-р Гилбоа.
За ова се согласува и Карен Дејс, поранешна претседателка на Центарот за безбедност и заштита на семејството при детската болница „Нејшнвајд“. Според нејзините зборови, ако ги тераме децата да прифатат прегратка која не ја сакаат, им праќаме порака дека возрасните кои ги познаваат секогаш имаат право на физички контакт.

– Родителите често ги учат децата да внимаваат на непознати, но забораваат да истакнат дека и познатите лица мора да ги почитуваат нивните граници. Ако детето не го научи тоа навреме, потешко ќе препознае ситуација во која некој ја преминува границата – вели Дејс.
Родителите треба да разговараат со децата пред семејните собири за да дознаат како се чувствуваат и што им е пријатно.
– Прашајте го детето зошто му е непријатно. Дали е срамежливо? Не ја познава личноста? Или можеби има лошо искуство? Отворениот разговор помага подобро да разберете што се крие зад неговото „не“ – вели психологот Мишел Борба.