Можеби звучи парадоксално, но понекогаш најдобриот начин да му помогнете на вашето дете да биде успешно и среќно е малку да го зауздате. Иако за децата често се вели дека денес се многу помалку подготвени да работат напорно и да се борат за нешто, треба да се каже дека тоа не важи за сите деца. Ќе се осмелиме да кажеме дека тоа не се однесува ни на мнозинството. Голем број деца, оние за кои малку се зборува, се деца што се борат да постигнат некаков резултат за да се истакнат и докажат. А тоа, доколку не успееме да го препознаеме навреме, може да стане голема пречка за нивниот здрав емоционален живот.
Така барем вели Џенифер Брехени Валас, наградуваната новинарка на „Њујорк тајмс“ и автор на бестселерот „Никогаш доволно: Кога притисокот станува токсичен и што можеме да направиме во врска со тоа“. Валас ја истражувала идејата за „токсичната култура на достигнувања“ и начините на кои екстремниот притисок да се достигне нивниот целосен потенцијал може да го уништи менталното здравје на детето.
Како дел од тоа истражување, кое го спровела во соработка со психолози од „Харвард“, биле интервјуирани 6.500 родители. И верувале или не, во повеќето случаи родителите тврделе дека децата сами ги бараат и ги посетуваат сите тие дополнителни активности.
„Но, родителите кои ги запознав, чии деца имаа најздрав баланс меѓу слободното време и обврските, многу често на некој начин им ја попречуваа желбата. Децата не беа охрабрени да ја искористат секоја можност“, рекла Валас.
Децата често само сакаат да ја следат околината и да се истакнат, да влезат во најдобрите училишта или едноставно да покажат дека можат да го следат темпото на модерниот живот што им е наметнато.
„Вашето дете може да ги иницира сите овие обврски, но сите ние заедно ги сместивме децата во средина каде што молчејќи, сето тоа всушност се очекува од нив“, тврди Валас.
И како што покажало истражувањето, ставовите и однесувањата можат да бидат заразни. А менталното здравје на децата и тинејџерите, исто така, може да се влоши ако се во друштво со деца кои се под стрес поради училиштето и обврските.

А кога ќе се случи тоа, кога ќе видите дека детето си задало премногу обврски, вашата работа не е да се гордеете со тоа што е вредно, туку да инсистирате малку да забави.
Но, треба да се забавите и вие. Мора да покажете дека вашата работа не е најважна работа на светот и да бидете модел на здрави животни навики. Не преоптоварувајте го распоредот со обврски. Погрижете се да спиете доволно, но и да поминувате доволно квалитетно време со семејството. Времето кога не ја проверувате електронската пошта или социјалните мрежи.
„Нашите деца гледаат неусогласеност меѓу нашите зборови и постапки. Нема смисла да се исцрпувате до последниот атом, а потоа да им кажувате на децата како тие да забават“, истакнува Валас.