Откако ќе добиете бебе, може да очекувате да се случуваат многу чудни и изненадувачки работи. Дури и најблиските односи што ги имате со другите луѓе може да се променат. Факт е дека и пријателствата се менуваат на некој начин откако ќе добиете деца. Но, некогаш тоа нема никаква врска со вас.
Можеби се случило да имате најдобра пријателка, а откако ќе добие дете, сè да се промени. Пред да препишете сè на хормоните или дека сè е во вашата глава и замислувате, имајте на ум дека можеби сте во право – „Може да се очекува дека пријателствата ќе се променат бидејќи сето тоа е дел од еволуцијата на личноста“; вели Беверли Андре, лиценциран терапевт за брачни парови и семејства. „Станувате родител, а вашиот пријател станува пријател на личност која станува родител, па тоа не е секогаш лесно. Потребни се трпение и внимание бидејќи се работи за сериозна промена во животот и односите.“
Зошто се менуваат пријателствата по добивањето деца
Вашиот пријател можеби се бори со неплодност
Иако можеби сакате да бидете доживотни пријатели, треба да сфатите дека некои пријателства се пократкорочни. „Кога добивате бебе, влегувате во сосема нов свет и некои од пријателите ќе дојдат со вас во тој свет, но некои не“, вели експертот за комуникација и врски Клои Балаторе. Некои едноставно чувствуваат голема болка кога пријателите уживаат во новиот живот и бебето, и иако се среќни за вас, сепак, тоа може да предизвика кршење на пријателството.
Вашиот пријател можеби ви дава простор
Забележувате дека пријателот не е толку често околу вас, но можеби едноставно гледа дека се мачите и дека ви е потребен простор за да се справите со новите рутини и се дистанцира со цел да не пречи. „Но, ако тоа не се искомуницира, тој потег може да изгледа како намерно повлекување“, смета Беверли Андре.
Вашето пријателство можеби едноставно не е усогласено
Пред детето сте биле неразделни и сè сте правеле заедно. Но, сега вие имате обврски околу детето, а пријателот можеби едноставно не може да се справи со тоа. „Ако повеќе не си се допаѓате еден на друг, тоа е затоа што животните приоритети и искуства се менуваат“, вели Кристина Стејнорт-Пауел, лиценциран психотерапевт и автор. „Вашиот пријател можеби сака поинаку да го живее животот, а вие не можете да бидете во тек бидејќи сега имате дете.“ Тоа едноставно значи дека повеќе не сте на иста бранова должина.
Како да го поправите вашето пријателство откако ќе добиете дете
Проценете ги сопствените очекувања
Промената, како што велат, е единствената константа во животот. Сепак, не е убаво чувството да дојде до промена во пријателството, особено кога најдобриот пријател ви е најмногу потребен. Започнете да ја согледувате својата перспектива – советува д-р Латоја С. Гилмор, лиценциран професионален советник. „Може да почнете со повторно обликување на гледиштето, а тоа не значи дека сè е изгубено, туку само треба да се сфати дека работите се различни и потребни се приспособувања.“ Бидејќи промената е неизбежна, секогаш треба да бидеме отворени кон нејзино прифаќање. Сепак, тоа не значи дека сè е изгубено, туку дека нешто се променило и добило поинаква насока.
Создајте време само за вас и вашиот пријател
Пред да се извинувате, едноставно прифатете го фактот дека ви било потребно време за навикнување и поврзување со новиот член на семејството. Секој вистински пријател ќе го разбере тоа. Ако мислите дека односот со пријателот страда поради драстичната промена во вашиот живот, обидете се да вклучите во распоредот активности со пријателот кои не го вклучуваат бебето. „Една од најдобрите работи што новите мајки може да ги сторат за да одржат блискост со пријателите е да закажуваат вечер само за нив на неколку недели, без детето. Тоа не само што ќе биде добро за пријателството, туку е и добро за вас да паузирате од секојдневието како мајка“, вели Стејнорт-Пауел.

Дајте му време на пријателот
Некои пријатели имаат чувство како да се „откачени“ откако пријателката се породила. Ако е таков случајот, зборувајте со пријателот за да си ги разберете меѓусебните чувства. „Ако го разбирате пријателот и неговата намера, може да побарате од него да има разбирање и да ви помогне со поддршка соодветна за таа нова фаза од вашиот живот. Дајте му до знаење на пријателот дека сè уште многу ви значи и дека се грижите за него, со надеж дека ќе разбере оти и вам ви е потребно време за приспособување“, вели Андре.
Имајте разбирање
Иако вие и пријателот сте си кажувале сè, сепак можеби не сте свесни за некои проблеми што тој ги има. Додека вашата пријателка е среќна за вас, тоа што ве гледа со бебе, на пример, можеби за неа да е премногу болно. „Може да им предизвикува болка да ве гледаат вас и вашето бебе среќни или едноставно да им е досадна целата таа рутина со бебињата“, вели Балаторе. Во тој случај, можеби малку пауза е добра работа. Која и да е причината за промените во пријателствата, секако дека е болно да гледате како пријателот се оддалечува од вас, особено во такви специјални моменти од вашиот живот. Пред да оставите дистанцата целосно да го оштети вашето пријателство, зборувајте и понудете си објаснувања едни на други. Може да се работи за недоразбирање, или едноставно на двете страни им треба пауза. Во меѓувреме, тоа може да биде и можност за формирање нови пријателства со луѓе кои делат слични интереси и се во истата фаза како и вас. И со надеж дека пријателството со вашиот најдобар пријател не е само краткорочно, туку ќе го „преживее“ тој посебен период од вашиот живот.
Автор: Џенифер Парис