Воспитување

Експерти објаснуваат како да му се пристапи на дете кое бара повеќе приватност

Колку и да се обидувате да ја нагласите телесната позитивност и да ги нормализирате сите форми на човечки тела во вашата комуникација со вашето дете, тоа може да се чувствува непријатно во врска со своето тело. Понекогаш многу малите деца почнуваат да избегнуваат ситуации кога некој може да ги види без облека, дури и ако тоа се мајката и таткото.

Некои експерти велат дека ова е нормална развојна фаза

Развојниот психолог д-р Мелиса О’Конел Лигет за „Ромпер“ изјавила дека ова не треба да ги загрижува родителите, иако може да изгледа многу необично.

„Возраста на која децата развиваат чувство на срам или потреба да ги сокријат интимните делови од телото варира, но повеќето деца ќе почнат да чувствуваат потреба за приватност на петгодишна возраст. Може суптилно да ги покриваат интимните делови со рацете кога ги капите или ги пресоблекувате, или отворено ќе ви покажат дека не сакаат да бидат гледани без облека“, објаснила д-р Лигет.

Други фактори што можат да придонесат за желбата на детето за приватност вклучуваат забележување дека во училиштето има посебни бањи и соблекувални за момчиња и девојчиња, поразвиено разбирање на културните вредности на вашето семејство или дури и реакција на вашите сопствени коментари за вашето тело, според д-р Џин Бересин.

„Запомнете дека сите деца се различни, исто како што се различни возрасните. На некои повеќе им пречи ако некој ги види целосно или делумно голи, а на некои воопшто не им е грижа. Сите ние покажуваме различно ниво на вознемиреност за многу работи, вклучително и за гледањето. Луѓето, млади и стари, се повеќе или помалку чувствителни на перцепираните осудувања или критики. Навистина е важно да го знаете вашето дете и неговото ниво на удобност или непријатност со прашањето за туѓата перцепција за неговото тело“, вели д-р Бересин.

Д-р Лигет забележува дека децата на возраст од 3 години можат да ги искусат овие чувства додека ја истражуваат сопствената телесна автономија и независност, како и разбирањето на родителските упатувања на интимните делови од телото и знаците за соодветни ситуации за соблекување.

Важно е да се почитува барањето на детето за приватност

„Обезбедувањето простор за облекување или капење, со соодветен надзор во зависност од возраста на детето, ќе му помогне на детето да изгради чувство на независност. Известете го детето дека ја разбирате неговата потреба за приватност, но дека сте тука за да му понудите помош доколку му е потребна“, истакнува д-р Лигет.

„Поставувајте отворени прашања за да дознаете што чувствува вашето дете, особено кога станува збор за срам или непријатност. Измислете заеднички решенија за ситуации кога детето може да биде пред вас без облека“, заклучува д-р Бересин.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top