Можеби помислувате дека животот постепено добива „нормален“ тек. Но, пандемијата продолжува да им предизвикува проблеми на родителите, па по месеци изолација, мала помош и ретки паузи од притисоците од грижата за децата, многу мајки и татковци се исцрпени. Работат од дома, се обидуваат да го менаџираат учењето од дома на децата и сето тоа предизвикува голем стрес. Но, која е разликата помеѓу момент на фрустрација и знак дека ви треба пауза од родителството?
– Би рекла дека клучната точка во правењето разлика помеѓу исцрпеност и таканаречено прегорување е способноста да се чувствува целосен опсег на емоции. Дали можете да уживате во нив? Дали се радувате на малите нешта? Кога се соочуваме со целосно прегорување, ние искусуваме отсуство на позитивни емоции, некогаш и апатија, а најчесто лутина. Мора да се присособиме на ситуацијата и искрено да пристапиме кон утврдување на тоа како ги искусуваме своите емоции – вели Кејти Шефтер Шерон, терапевт за семејства и индивидуи. Ова се знаци дека можеби ви е потребен тајмаут од децата:
Емоционално прегорување
– Да се биде исцрпен од грижата за децата повеќе се поврзува со физички замор и вообичаен семеен стрес. Во контраст, емоционалното прегорување носи и тешкотии со спиењето, недостиг на мотивација, хроничен стрес, иритација, апатија, како и тешкотија при наоѓање радост – вели д-р Санам Хафиз, невропсихолог од Њујорк.
Погрешно насочен бес
– Зборував со жена која можеше да препознае, со асистенција од партнерот, дека му е лута на своето бебе зашто не спие добро. Ако откриеме дека се лутиме почесто отколку вообичаено и тоа за развојно соодветни работи кај децата, треба да бидеме загрижени дека сме прегорени – вели Шерон.
Занемарување на детето
Шерон вели дека ако родителот ги занемарува основните потреби на детето, тоа е големо црвено знаме. Храна, безбедност, едукација – би рекла и физичка злоупотреба во која било форма или навреди се апсолутен знак дека е потребна итна интервенција – додава Шерон.

Недостиг на грижа за себе
Занемарувањето на сопствените потреби, исто така, е сигнал дека на родителот му треба пауза. Д-р Хафиз препорачува да го земете кое било слободно време што ви е на располагање. – Дали е тоа читање, рутина за разубавување, медитација, вино, ТВ-серија, прошетка. Туркањето кон границите не е добро за вас – бидејќи грижата за себе значи и сочувство кон себе – вели таа.
Остро самоосудување
– Често, родителите чувствуваат емоционална исцрпеност и може многу остро и строго да си судат себеси. Научете да си простувате и практикувајте позитивно зборување за себеси – вели д-р Хафиз.
Недостиг на сон
Запомнете дека мора да се одморите. Според истражувањето на д-р Метју Вокер, на возрасните им е потребен сон од 7 до 9 часа во просек. Тој вели дека има мал исклучок за ова правило, но тој процент се движи малку над нулата, па родителите навистина треба да спијат.
Што можете да сторите?„Имајте милост. Кон себеси, кон децата, кон партнерот. Намалете ги очекувањата“, вели Шерон.
Нормализирајте ги тешките емоции
Ако ви се плаче, плачете, тоа е здрав начин за телото да се ослободи од вишокот кортизол, кој во моментов кај сите е на високо ниво. И знаете што? Плачењето пред децата нема да ги убие. Ќе им даде повод за валидизирање на сопствените емоции и дозвола и тие да се исплачат кога имаат потреба. Ако ви е потребна помош, побарајте ја. И д-р Хафиз и Шерон предлагаат барање професионална помош за менталното здравје ако идентификувате кој било од горенаведените знаци.
Автор: Кинси Гидик