Многу родители се нашле во ситуација кога нивното дете одбивало да сподели играчка со друго дете. Иако повеќето ќе одговорат така што ќе го принудат детето да научи да споделува, некои експерти тврдат дека овој потег прави повеќе штета отколку корист. Да не се принудуваат децата да споделуваат е една техника на родителство која стана популарна на социјалните мрежи, а експертите имаат свое мислење зошто тоа има смисла.
Според д-р Лаура Маркам, принудувањето на децата да споделуваат пред да бидат подготвени може да биде штетно.
„Да се принудува детето да ги дели своите работи е всушност погрешна лекција. Тоа ќе му покаже дека со гласно плачење може да го добие она што го сака, дека родителите се задолжени за тоа кој што и кога ќе добие и дека секогаш треба да ги задоволува другите, дури и кога тој потег не го прави среќно“, објаснила д-р Маркам.
Таа вели дека децата на возраст под пет години не ја разбираат идејата за споделување затоа што не препознаваат дека туѓите желби и потреби може да се разликуваат од нивните. „Иако принудувањето на детето да споделува може да го научи негативни лекции, секогаш е добра практика да се охрабри детето да споделува. Еден начин е да го прашате детето наутро кои играчки не сака да ги сподели и да ги чувате надвор од неговиот вид“, вели д-р Маркам додавајќи дека понекогаш најдобро е да не правите ништо, туку да ги оставите децата сами да ја решат ситуацијата.

„Можете и да го моделирате однесувањето што го очекувате од вашето дете. Ова значи дека вложувате напори да ги споделите со вашите деца и да правите работи што сакате и тие да ги прават“, објаснила таа.
Според д-р Маркам, важно е децата да си играат слободно, да се чувствуваат исполнето од искуството и да научат да ја даваат играчката на некој друг кога ќе завршат со играњето.
„Кога детето може само да одлучи кога да подари играчка на некој друг, тоа е потег кој учи на трпение и ќе му помогне на детето да може да се справи со емоционално покомплексни ситуации додека расте“, заклучила таа.