Образование

Експерт од „Опен АИ“ открива 4 вештини што ги подготвуваат децата за светот на вештачката интелигенција

Како ќе изгледа светот во кој нашите деца ќе работат еден ден? Тешко е да се предвиди. Но, едно е јасно – вештачката интелигенција сè повеќе го менува начинот на кој работиме, учиме и комуницираме. Затоа родителите (и експертите) сè повеќе го поставуваат истото прашање: Кои вештини навистина ќе им бидат потребни на нашите деца во иднина?

Рони Чатерџи, главен економист во „Опен АИ“ (компанијата што стои зад „Чет-ГПТ“), верува дека го знае одговорот. Како татко и поранешен економски советник во Белата куќа, тој вели дека денес не им наметнува стандардни академски цели на своите деца – тој ги подготвува за свет каде што вештачката интелигенција ќе биде неизбежна.

Во неодамнешна епизода од поткастот „Опен АИ“, тој споделил четири вештини за кои смета дека се најважни.

Критичко размислување

-Мора да научите како критички да размислувате и да идентификувате проблеми – вели Чатерџи.

Во свет каде што вештачката интелигенција ќе реши многу од нашите задачи за нас, на децата сè уште ќе им биде потребна способноста да разберат што треба да се реши и зошто. Препознавањето на причините за проблемите, размислувањето надвор од кутијата и поставувањето на вистинските прашања ќе станат поважни од кога било.

Приспособливост

Технологијата се менува. Климата се менува. Геополитичките односи се менуваат.

-Ќе ви треба флексибилност и отпорност бидејќи светот постојано се менува – вели Чатерџи.

Децата денес треба да развијат невропластичност – способност за брзо учење и менување со околината.

Емоционална интелигенција

Додека вештачката интелигенција станува сè подобра во техничките задачи како што е кодирањето, она што ја разликува од луѓето се емоцијата и емпатијата. Чатерџи верува дека човечноста – разбирањето на другите, сочувството, тимската работа – ќе биде клучна.

-Не можам да замислам покорисна вештина од тоа да знам како да бидам човек – вели тој.

Финансиска писменост (и пишување со рака!)

И покрај калкулаторите и пишување на мобилните телефони, Чатерџи сè уште ги учи своите деца на таблицата за множење – и како да пишуваат рачно. Зошто? Бидејќи основните математички и јазични вештини ја поставуваат основата за логичко размислување и навигација во реалниот живот – од лични финансии до управување со секојдневните задачи.

А што е со иднината?

Конечно, Чатерџи признава дека и покрај целото свое знаење, не знае точно што ќе прават неговите деца кога ќе пораснат.

-Имам толку малку информации колку што имаа моите родители кога размислуваа за мојата иднина. И мислам дека моите деца ќе бидат добро – вели тој.

Други технолошки лидери делат слични чувства. Основачот на „Редит“, Алексис Оханијан, ја учи својата 7-годишна ќерка како да ја користи вештачката интелигенција како „суперсила“ секој ден, но сепак инсистира на основите: читање, пишување и математика. Сем Алтман, извршен директор на „Опен АИ“, вели дека неговите деца никогаш нема да бидат попаметни од вештачката интелигенција, но ќе знаат како да ја користат подобро отколку што некогаш сме замислувале.

Сакате да го подготвите вашето дете за иднината?

Не треба да знаете како да програмирате за да го подготвите вашето дете за светот на вештачката интелигенција. Но, можете да разговарате со него за проблемите и да го охрабрите критичкото размислување, да му покажете како да остане смирено и флексибилно, да го научите како да ги препознава и изразува своите чувства, да го вклучите во семејните финансии и секојдневните одлуки. Светот брзо се менува, но основните човечки вештини остануваат многу важни.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

To top