Игротека

Ефикасни начини како да ги научите децата на трпеливост

Познато е дека дури и некои возрасни луѓе не умеат трпеливо да чекаат, па како тогаш можеме да очекуваме од децата да бидат трпеливи, особено ако не ги учиме на тоа преку сопствен пример? Сепак, постојат начини и техники кои можат да им помогнат, а во продолжение ќе ви ги претставиме најделотворните.

Визуализирајте го времето

Децата почнуваат да развиваат апстрактно размислување околу деветтата година од животот. Пред тоа нивниот ум функционира на поконкретен начин, поради што може да им биде тешко да направат разлика меѓу 15 и 45 минути. За да им помогнете, корисно е да го визуализирате времето секогаш кога е можно. Наместо да кажете: „Одиме за еден час“ или „Имаш 10 минути да ги собереш играчките“, кажете нешто како: „Тато ќе дојде од работа кога сонцето ќе зајде зад оној покрив таму“.

Чекањето ќе им биде многу полесно ако можат да направат споредба, на пример:
„О, ова ќе трае колку што трае миењето заби.“

Научете ги децата игри што можат да ги играат сами

Постојат повеќе причини зошто е важно децата да умеат да се забавуваат сами. Една од нив е тоа што на тој начин можат да уживаат каде и да се, без да зависат од друг. Детската имагинација нема граници, а овие игри не бараат никаква посебна подготовка или материјали.

Погрешен избор на игри: Игрите на паметни телефони и таблети го кочат развојот на имагинацијата и креативноста.

Правилен избор на игри: сложувалки, потрага по скриено богатство, измислување бајки, играње улоги и слично.

Постојат неколку начини како да го научите детето на самостојна игра, а резултатите ќе ве изненадат, секако, ако се вооружите со трпение.

Игра што е идеална за чекање на јавни места

На децата секогаш им е здодевно кога чекаат автобус или додека мама не се врати од продавница. За вакви ситуации, постои одличен начин да им го одвлечете вниманието.

Играта оди вака: Двајца учесници замислуваат желба и се договараат за некоја карактеристика што ќе ја бараат кај предметите околу себе (на пример, боја, форма или првата буква на името). Победува оној што прв ќе најде 20 предмети со таа карактеристика и има право да бара исполнување на својата желба.

На пример, можете заедно да броите автомобили што минуваат додека чекате автобус или да ги броите сообраќајните знаци додека патувате. Играта е интересна и може лесно да се приспособи на возраста на детето. Дополнително, родителот не мора секогаш активно да учествува. Децата често сами си ги бројат предметите и времето минува побрзо. И не мора да стигнете до некој број, доволно е да ги броите црвените автомобили или луѓето со кафеаво палто и слично.

Едноставен начин за да не ве прекинува додека зборувате

Алисон Хендрикс, блогерка и мајка на две деца, има едноставно правило кое стана вирално поради својата практичност. Кога детето сака да каже нешто додека родителот зборува со друга личност, доволно е само да ја стави раката врз раката или рамото на родителот. Доколку родителот возврати со допир, тоа значи дека го „слушнал“ и дека наскоро ќе му се обрати.

Овој трик функционира бидејќи воспоставениот физички контакт му покажува на детето дека е почитувано и не е игнорирано. Детето се чувствува ценето, а сè што треба да направи е само малку да почека.

Како да го научите детето на трпение пред роденден или празници?

Иако децата можеби научиле да не прекинуваат возрасни и умеат да се забавуваат сами, сè уште им е многу тешко да чекаат значајни датуми како Божиќ, роденден, летен распуст и слично.

Одлично решение е роденденски календар. Еден месец пред важниот настан, секој ден можете да им подготвите мала активност, креативна задача или изненадување како на пример бонбона, играчка или порака. Постојат многу видови вакви календари. Со малку вложен труд, можете да создадете големо изненадување за вашето дете.

Извор

Поврзани написи

To top