Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Јас сум тетка на 4-годишни машки близначиња. Имаме проблем со исхраната кај едно од нив. Проблемот е што јаде еднолична храна и тоа само неколку јадења: леб, тестенини, јогурт, палента, пица само со кашкавал и кечап. Проблемот е од самиот почеток при премин од мајчино млеко на нормална исхрана. Загрижени сме бидејќи може да се одрази на растот (веќе се на последна перцентила за висина и тежина и двајцата, иако другото дете јаде буквално сѐ и има нормален апетит). Децата одат во градинка, но и таму повремено има проблеми со исхраната иако сепак јадат манџа (по исказ на воспитувачките). Што би требало да преземеме? Им купуваме свежо овошје, зеленчук, разновидна храна, се трудиме и вкусно да зготвиме.
ОДГОВОР: Мислам дека треба да создадете позитивна и поддржувачка средина за време на оброците, да избегнувате да вршите притисок, принудување, уцена или споредување со другото дете, всушност, тоа би било контрапродуктивно. Да му дадете простор сам да ги открие вкусовите и што ќе сака, а што не, бидејќи секако дома има сѐ. Со други зборови, доволно е да му се објасни како храната придонесува за нашите тела, колку е важна секоја од групите храна итн.
Во градинка нема некој притисок и фокусирање на тоа „што тој јаде“ и сите се исти, па и тој јаде, дома како да сака да ја потенцира својата индивидуалност и да бара внимание на поинаков начин. Како е на други места? Дали кога сите ручаат дома и тој седнува и јаде или му се спремаат посебни оброци? Дали барем пробува? Многу прашања можат да произлезат од неговото однесување…
Не фокусирајте се премногу на ова сѐ додека тој расте и е здрав, тоа е добро.
Купувајте храна заедно и тој да одбира што ќе купи, а воедно да им се даде и на двете деца да одберат еден зеленчук кој ќе го стават во макароните на пример, да звучи и да изгледа како еден вид игра. Потоа кое овошје ќе го купат за овошен јогурт итн. И бидете трпеливи и креативни, со постојано пробување веројатно ќе го прошири својот избор на храна, а со тоа и ќе ја одржува својата контрола над тоа што ќе јаде.
Со трпение, разбирање и позитивен пристап можете да го поддржите во неговото патување кон поразновидна и урамнотежена исхрана. Верувајте дека како што продолжуваат да растат и да истражуваат, нивните преференции за храна веројатно ќе се развиваат со текот на времето.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912