„Седи мирно, исчисти ја собата и не играј си со храната додека јадеш!“ Овие или слични реченици секојдневно може да се слушнат од родителите кои се лутат на однесувањето на своите малечки. Сепак, експертот за човечко однесување Надин Мејден од Берлин смета дека секое дете може убаво да се однесува. Тоа е и насловот на нејзината неодамна објавена книга, од која пренесуваме неколку основни совети како да го научите вашето дете на добро однесување.
Поддршка од партнерот
Една од основните задачи на самиот почеток е добро да размислите и прецизно да ги дефинирате целите што сакате да ги постигнете со вашето воспитување. Поставете правила и воспоставете ритуали кои мора да се сфатат сериозно. Ако децата се постари, правилата можат да бидат пофлексибилни, со можни оправдани исклучоци. Што се однесува до однесувањето на самите родители, контроверзните прашања во однос на воспитувањето не треба да се разговараат пред децата, туку насамо. Согласноста во овој поглед влева сигурност и кај децата и кај родителите. Доколку се доведени во прашање авторитетот и барањата на партнерот, бранете го, бидејќи во спротивно ја сечете гранката на која седите.
Комуникација
Комуникацијата е основа на секој заеднички живот. Објаснувајте им на децата што е можно почесто зошто едно правило е важно и зошто постапувате на одреден начин во одредена ситуација. Не губете ги волјата и трпението ако треба често да им повторувате некои работи на вашите деца додека не ги научат. Ако ги критикувате вашите деца, секогаш критикувајте го нивното однесување, а не нивната личност. Ако е можно, не предупредувајте ги пред други и избегнувајте да ги понижувате.
Ритуали
Пополнете го секојдневниот живот на вашите деца, особено околу оброците, со значајни ритуали кои ќе им го разубавуваат денот и заедничкиот живот. Вклучете ги посакуваните однесувања, како што се помагањето на другите, точноста и уредноста, во овие ритуали, што ќе им олесни на вашите деца да се навикнат на нив. Погрижете се вашето дете да има рутина.
Корисни совети
Јадење: наместо едноставно да јадат, децата најчесто претпочитаат прво да си играат со храната. Меѓутоа, многу родители мислат дека децата го прават тоа само за да ги налутат. Децата треба постепено да се учат да ја почитуваат храната, како и напорната работа на оние што ја подготвиле. Особено е важно секогаш да го фалите доброто однесување на вашето дете на маса бидејќи тоа го поттикнува и го мотивира.
Поздрав и вовед: Едноставните работи како „те молам“ или „благодарам“, пријателски поздрави и точноста се меѓу најважните секојдневни правила на учтивост. Покажете му на вашето дете како да се однесува. Охрабрете ги срамежливите деца да ја прифатат подадената рака и да не се двоумат да се претстават. Сепак, не присилувајте го детето на ништо, туку објаснете му кое е правилното однесување и кои се неговите предности.
Невербални знаци: Седењето со раширени нозе, избегнувањето контакт со очите, влечењето на нозете додека оди или носењето несоодветна облека – не се пожелни однесувања. Правилното однесување е важно дури и ако нема директна комуникација, бидејќи другите луѓе често го добиваат првиот впечаток врз основа на тоа.
„Ти благодарам“, „те молам“: Ако овие зборови се нешто што родителите го земаат здраво за готово, и децата ќе ги научат автоматски.
Ред и уредност: многу се важни и во детството и подоцна бидејќи без ред не може да се организира професионалниот живот. Редот има многу врска со почитта кон другите.
Точност: Неточноста е еден вид кражба бидејќи го крадеме туѓото драгоцено време. Вашето дете треба да го разбере тоа навреме, бидејќи неточноста може да има фатални последици врз приватниот и професионалниот живот.

Облекување: Различни социјални пригоди бараат различна облека. Тоа е нешто што дури и малите деца можат да го научат. Затоа, објаснете им на што треба да внимаваат при изборот на гардероба и каква облека е соодветна во која ситуација. Сепак, немојте да бидете премногу строги кога станува збор за секојдневната облека.
Точно и погрешно обраќање кон детето
Погрешно: Каков хаос е ова!
Точно: Те молам отстрани ги играчките од ходникот.
Погрешно: Твоите панталони се валкани.
Точно: Те молам облечи чисти панталони.
Погрешно: Нема ножеви на масата.
Точно: Те молам донеси уште еден нож за секој од нас.
Погрешно: Не оставај сè зад себе!
Точно: Те молам земи ги играчките од подот. Сакам да ги вратиш сите твои работи од каде што си ги донел кога ќе завршиш со играњето.
Погрешно: Не доцни повторно!
Точно: Денес јадеме во 18. Очекувам да дојдеш навреме.