Искрената емоција во зборовите што Бруно ѝ ги упатува на својата баба била пресудна неговото писмо да го освои странското жири и да добие втора награда на светско ниво
„Драга бабо,
Се надевам дека сте добро и дека заедно со дедо редовно ја земате препишаната терапија. Знаеш, тешко ми е што те немам видено повеќе од една година. Три-четири месеци се мачам како, но морам да бидам искрен и да ти откријам една тајна, колку и да звучи страшно. Не сакавме да те вознемириме, но тато се избори со вирусот. Сега кога помина, можам да ти раскажам, убеден дека спокојно ќе ја примиш веста. Да, бабо, тато наш, твојот син. Голем како карпа, силен како лав. Лежи во собата и има треска. Стуткан во креветот, мислиш смален. Не личи на него. Најсилниот – зарем е можно да потклекне. Ама ете, се случи.“
Ова е само мал дел од писмото на 14-годишниот Бруно Ивановски од Основното училиште „Крсте Мисирков“ од Куманово кое е избрано за најубавото писмо на Македонија и освои второ место во светот, на 50-тиот јубилеен литературен конкурс на Светскиот поштенски сојуз на тема „Напиши писмо до член од твоето семејство со искуството со ковид -19“.
Токму искрената емоција во зборовите што Бруно ѝ ги упатува на својата баба за време на пандемијата на ковид-19 била пресудна неговото писмо да го освои странското жири и неговото писмо да добие втора награда на светско ниво.
Првото место го добила негова врсничка од Бангладеш, а трето ученик од Виетнам.
– Секоја година Светскиот поштенски сојуз распишува конкурс на одредена тема. Писмото има пропозиции за пишување на кои мора да се придржуваш за да се исполнат критериуми за учество. Се пишува на мајчин јазик, а потоа се преведува на француски јазик, со оглед на тоа дека нивното седиште е во Берн – посочува Бруно.
Меѓународниот литературен конкурс го реализирала Пошта на РС Македонија во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија. На Светскиот ден на поштите, 9 Октомври, генералниот директор Јани Макрадули ги примил наградените ученици, им доделил дипломи, посакувајќи им понатамошен успех во нивното образование.
Прво писмо што сам го испратил по пошта
Уште кога се пријавил на конкурсот, Бруно сонувал да ја добие наградата.
Во ерата на компјутерската технологија и кога социјалните мрежи се во подем, Бруно имал мотивација да напише нешто на хартија. Ова било неговото прво писмо што сам го испратил по пошта.
– Иако знаев дека учествуваат сите земји од светот, сепак имав надеж дека ќе добијам награда – вели тој.
Оваа награда го мотивира да твори уште повеќе, но и да учествува на повеќе натпревари.
– Единствено жалам што поради пандемијата, не можев да ја посетам Швајцарија, поточно Берн, каде што е седиштето на Светскиот поштенски сојуз – објаснува тој.
Следен предизвик му е натпреварот по географија
Досега се има пријавено на повеќе литературни конкурси, а има и постигнато резултати и освоени први места на училишно и општинско ниво.
– Оваа година освоив и прво место на државно ниво во конкуренција од 400 писма. Таа победа ме однесе на конкурсот што го организира Светскиот поштенски сојуз на кој освоив второ место во исклучително голема конкуренција – посочува тој.
Бруно се има натпреварувано и во неколку други области.
– Имам награди и од натпревари по математика и по хемија, а оваа година имам желба своите знаења да ги измерам на натпревар по географија. Во слободно време се релаксирам со рубикови коцки за чие местење имам диплома од училиштен натпревар, учествувам и на натпревари организирани од светска кјубинг-асоцијација – додава тој.
912