Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето дете има четири години и многу е нежно и плашливо. Во септември тргна во градинка и адаптација му одеше многу убаво и лесно. Ги засака градинката и другарчињата и сѐ поврзано со градинката. Но, една недела остана дома од здравствени причини, па сега никако не сака да оди. Како да постапиме?
ОДГОВОР: Одењето во градинка и одвојувањето од родителите е голема промена за детето и за целото семејство. Влегувањето во светот на автономија и општествени правила не е лесно, предизвик е за малите деца кои го напуштаат своето сигурно гнездо, влегувајќи во еден поинаков свет.
Секоја промена бара одредено приспособување, а времето за приспособување е специфично за секое дете и тоа зависи од возраста на детето, неговиот темперамент и искуствата што ги имало дотогаш, на пример, дали било разделено, дали имало контакт со голем број деца, дали било болно или имало други стресни искуства во животот итн. На некои деца им треба малку време за приспособување, на некои малку повеќе.
Бидејќи рековте дека вашето дете е нежно и плашливо, веројатно е и почувствително на промени и на непознати ситуации. Почетното позитивно искуство во градинка му помогнало да изгради чувство на сигурност, а неодамнешниот прекин и отсуство од градинка веројатно малку ќе го пролонгира процесот на адаптација.
Повторното враќање е застрашувачко за детето. Дома е изворот на сигурност, стабилност и предвидливост, а и вие постојано сте тука.
Стравот од одвојување е доста чест и се јавува кај повеќето деца. Би било добро да добие што е можно повеќе искуства каде што ќе се вратите откако ќе го оставите некаде на одреден временски период. На тој начин ќе научи да се чувствува безбедно иако вие физички не сте покрај него. Тоа може да го доживее во многу ситуации, на пример, одење во продавница, при што ќе кажете дека ќе останете одредено време, но важно е да нагласите дека ќе се вратите.
Разговарајте за неговите чувства, потврдете ги и именувајте ги велејќи: „Разбирам дека е тешко да се вратиш откако беше дома, но ќе биде поубаво, а твоите другарчиња ќе бидат многу среќни што ќе те видат“ или „Знам дека сакаш и јас да останам, посакувам и јас, но морам да одам на работа“. Кога ќе се враќате, кажете дека сте среќни што повторно го гледате.
Потсетете го на позитивните искуства што ги имало во градинка.
Можете да го поттикнете да ја земе со себе омилената играчка или предмет за да има нешто познато што ќе му даде чувство на сигурност.
Обидете се да ја имате утринската рутина која го имитира распоредот во градинка за да му даде чувство на предвидливост. Во опуштена и ненаметлива игра, играјте „како е во градинка“ поттикнувајте и охрабрувајте. Дозволете да прави повеќе работи само дома – да се облекува и соблекува, да ги мести своите играчки. Покажете интерес и внимателно слушајте.
И за крај, многу е важна вашата реакција на целиот овој процес, децата честопати ја прифаќаат родителската анксиозност. Покажете доверба во неговата способност да се приспособи. Избегнувајте загрижени погледи или давање вознемирени пораки како „ќе ми недостигаш“. Подобро да кажете дека сте среќни затоа што ќе оди во градинка, ќе се забавува и ќе научи многу прекрасни работи.
Одењето во градинка е голем чекор за детето, но и за вас, родителите, а со вашата љубов, трпение, константност и сигурност вашето дете ќе расте посамоуверено секој ден.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.
912