Родителите останаа најгласни на социјалните мрежи, каде што постојано укажуваат на импровизации во наставниот процес и на системски проблеми во образовниот процес.
Тие имаат различни искуства, но речиси сите се со иста мисла – се снаоѓаат со нивните деца како што знаат и умеат. Генерално сметаат дека за реализација на оваа идеја се потребни многу поголеми подготовки
Еден месец учениците од четврто одделение учат од дигитални учебници преку своите компјутери, мобилни, таблети, кој што има, доколку има.
Откако беше презентирана новата Концепција за основно образование, во јавноста се појавија многу реакции, како од родителите така и од наставниците.
Сепак, родителите останаа најгласни на социјалните мрежи, каде што постојано укажуваат на импровизации во наставниот процес и на системски проблеми во образовниот процес.
Главно, за тоа не ги обвинуваат наставниците. За нив имаат разбирање зашто, како што велат, исто како и децата, и тие се втурнати во оваа новина.
Тие имаат различни искуства, но речиси сите се со иста мисла, се снаоѓаат со нивните деца како што знаат и умеат. Генерално сметаат дека за реализација на оваа идеја се потребни многу поголеми подготовки.
Недостиг на електронски уреди, немање соодветна дигитална опрема во училиштата, немање печатени учебници се само дел од серијата проблеми со кои се соочуваат родителите чии деца се четвртоодделенци.
Како децата се приспособиле на новиот модел на дигитализирана настава, колку таа е вистинска настава, а колку импровизација, раскажуваат неколкумина родители. Сите, без исклучок, инсистираат да останат анонимни со цел нивните деца да немаат последици во понатамошното школување.
Нема таблети за сите деца
Родители често знаат на социјалните мрежи да споделат сопствени искуства, но ги интересира како дигиталната настава се спроведува и во другите училишта низ земјава.
Сепак, сите потврдуваат едно исто, а тоа е дека фотокопираните или испечатените учебници ги набавиле на своја рака и покрај тоа што од наставниците им било порачано да не го прават тоа.
Нивна најголема забелешка е што не се обезбедени секаде, односно во сите училишта, доволно електронски уреди и дигитални табли за следење на наставата.
– Во училиштето каде што учи син ми е забрането да се користат и носат yчебници во печатена форма (печатени, копирани). Притоа не се обезбедени други средства за следење на содржините на дигиталните учебници – додава еден од родителите.
Ако заборавиш да запишеш во тетратка, отиде возот…
Мајка на четвртоодделенка вели дека дома немаат таблет, па затоа и нејзиното дете нема ниту во училиште. Понекогаш го користи компјутерот, но вели дека тој повеќе им е потребен на другите две деца кои одат во погорните одделенија.
– Децата на училиште учат од интерактивна табла. Дел од тоа запишуваат во тетратка. Се случува да снема интернет во училницата, таблата да се исклучи, па да не стигне навреме сè да препише. Не знам како во скопско училиште се случува да снема интернет. Што тогаш останува за школите во селските средини – прашува мајката.
Посочува дека има родители кои им ги дале таблетите на децата да ги користат на училиште, но тие се многу малку.
– Проблемот настанува кога ќе заборави да допише нешто. Е тогаш вртам по родителите на другите деца за да можеме да се разбереме што треба да се допише или да се напише за домашна. Среќа што ги набавивме учебниците, па можеме ние, родителите, некако да се снајдеме – додава таа.
Најголем апсурд, според неа, е што нема дигитални учебници по предметот англиски јазик.
– Нема ни печатени учебници по овој предмет. Значи останува да учи само од тоа што ќе го чуе и види на училиште. Среќа што имаме учебници од постарите деца, па така можеме полесно да се снајдеме – објаснува мајката.
Фотокопираните учебници се користат по дома
Татко чиј син е четврто одделение одлучил неговото дете да следи настава онлајн. Вели дека сè тече во најдобар ред.
– Учебниците си ги фотокопиравме. Таблети немам намера ниту да барам ниту сметам дека таблет може да замени хартиен учебник. За жал, фотокопираните учебници не ги дозволува наставничката, но ние ги пишуваме домашните директно во учебниците – додава тој.
За наставните содржини во учебниците по општество, како и за текстовите во учебникот по македонски јазик, смета дека се комплетно промашување.
Учениците се претворени во препишувачи
Искуството што ни го сподели мајка на четвртоодделенка е негативно. Вели дека на овој начин нема претстава и увид во она што го учи нејзината ќерка.
– Книгите ги имаме дома. Тоа што го има во книгите не е исто со она што тие го пишуваат и учат во тетратките. Можеби „шетаат“ низ учебниците, но ова што се случува е лудило. Наставниците се трудат колку можат да работат со тоа што им е дадено, но ова вака не оди – вели таа.
Според неа, материјалот не е приспособен за нивната возраст:
– Ниту, пак, учебниците се интерактивни, па како резултат на тоа процесот е сведен на „ресавска“, односно препишувачка школа – додава таа.
912