Воспитување

Еден ден моите момчиња ќе ме остават и таа мисла ми го крши срцето

Ако си ја завршувам правилно мојата работа како мајка, моите деца, моите четири слатки момчиња, ќе ме остават.

Ќе пораснат во успешни луѓе, ќе си го најдат својот пат и ќе ги развиваат своите кариери… а и ќе основаат свои семејства. Тоа го сакам за нив, навистина и вистински. За тоа ги „тренирам“ целиот нивен живот. Сè што ги научив за животот, работата, домашните обврски е подготовка за деновите кога ќе бидат независни, како работници, татковци, сопрузи, ако тоа е она што ќе го изберат. Па, иронично е што секоја работа на која ги учам, секоја работа која го мери мојот успех како мајка, е всушност нешто од кое најмногу се плашам.

Се плашам дека кога синовите ќе ме остават, нема никогаш да се вратат. Барем не на начинот на кој ќе ми требаат. Ќерките, барем оние во мојата околина, се враќаат. Можеби ние, девојките, си го наоѓаме патот и се тргаме на одредено време за да откриеме кои сме, но кога прераснуваме во жени, сфаќаме дека нашите мајки имаат споделено искуство, ако ништо друго, искуството да се справуваме со овој свет како жени. Мајките имаат совети, а ние, девојките, гледаме на нив како на вредни лекции, особено ако и самите имаме деца.

Но, момчињата немаат прашања за расцветувањето на женственоста која само мајката може да ги одговори. Не е истото споделено искуство. Нашите синови можеби ќе имаат деца, но никогаш нема да го гледаат родителството низ перспективата на мајките. Ќе најдат партнер кој ќе стане нивна потпора и ќе создадат семејство кое ќе стане поважно од семејството од кое потекнуваат. И така треба да биде – го знам тоа.

Ќе орбитираат подалеку сè додека не бидам повеќе нивното сонце во центарот на нивниот универзум, туку само една точка светлина која ја чувствуваат одвреме-навреме.

Нема да им биде потребна мојата топлина, бидејќи ќе ја најдат на друго место.

Колку и да се надевам дека ова ќе се случи – бидејќи тоа е целта на родителството, да ги оставиш децата да одат низ светот, сепак, таа помисла ми го крши срцето. Што ќе правам кога моите момчиња ќе му припаѓаат на некој друг. Моето деветгодишно момче, најмладото, ми седна в скут пред некој ден. Го притиснав мојот нос до неговата коса, обидувајќи се да го почувствувам и најслабиот мирис од неговото постоење, но помирисав само шампон. „Секогаш ќе бидеш мое бебе“, шепнав – повеќе за себе. „Дури и кога ќе бидам голем?“, праша тој. „Дури и тогаш“.

И помислив на мојата свекрва и како таа би го повлекла мојот 43-годишен сопруг од 2 метра во нејзиниот скут без размислување, на истиот начин како кога бил малечок за да го собере. Не се сомневам.

Што ќе правам кога мојот скут и моите раце ќе бидат празни?

На нашите деца сме им потребни… некогаш, во раните години, толку многу што чувствуваме задушување кое како да не завршува. Но, ако има нешто што го научив во 16 години мајчинство, тоа е дека нам ни требаат нашите деца уште повеќе. Ни треба да се тука, да им требаме, иако не го сфаќаме тоа додека сме зафатени грижејќи се да ги задоволиме нивните потреби. Ми треба да сфатат колку ми се потребни. Колку секогаш ќе имам потреба од нив, дури и кога јас нема да им требам како што им требам сега. Се плашам дека кога ќе заминат, голем дел од нив ќе го нема засекогаш. Колку се надевам дека ќе се вратат, барем повремено… не заради потреба, туку за утеха, за топлење на срцето на жената која прва ги сакала.

Автор: Рита Темпелтон

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top