На оваа олимпијада учествуваме третпат и оваа година постигнавме најголем успех

Две сребра и три бронзи освои македонскиот тим на 16. Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (16. IJSO), која денеска завршува во Доха, Катар.
„Браво! Браво за целата екипа. Браво за учениците, за посветените професори од факултетите за физика, хемија и биологија! Честитки!“, се дел од коментарите што почнаа да се шират на социјалните мрежи.

Нашиот тим е составен од учениците Мајкл Георгиевски (9. одд.) од „Гоце Делчев“ во Кавадарци, Емилија Николовска (8. одд) од „Григор Прличев“ во Охрид, Никола Спировски (8. одд.) и Стефан Дрмач (9. одд) од „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје, Матеј Гелев (8. одд) од „Блаже Конески“ во Велес и Теона Кировска (9. одд.) од „Гоце Делчев“ во Свети Николе. Нив ги предводеа менторите проф. д-р Боце Митревски од Институтот за физика, проф. д-р Марина Стојановска од Институтот за хемија и м-р Лозенка Иванова од Институтот за биологија. Тие повеќе од три месеци работеа и ги подготвуваа учениците за меѓународниот натпревар.

– На оваа олимпијада учествуваме третпат и оваа година постигнавме најголем успех. Првата година учениците од Македонија освоија една бронза, а минатата година три бронзи. Оваа година освоивме две сребра и три бронзи. Честитки до тимот – вели проф. Сузана Ќофкаровска-Диневска, претседател на Македонското биолошко друштво.

На Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки во Доха познавањата од областа на физиката, хемијата и биологијата си ги измерија повеќе од 400 напредни ученици до 15 години, од околу 70 земји од светот. Натпреварите се одвиваа преку индивидуални теоретски тестирања и практични тестови.

Нашиот тим (фотографијата долу)

Нашите ученици ги подготвуваат претставници од Друштвото на физичари на Република Македонија, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и Македонското биолошко друштво. Сите поединечно се акредитирани да ги организираат државните натпревари по физика, хемија, односно биологија, од каде што се селектираат најдобрите ученици кои потоа со своите ментори работат за да ја претстават Македонија на највисоко ниво. Повеќе години наназад нашите тимовите се враќаат со медали.

На прашањето што покажуваат овие резултати за компетенциите на нашите ученици и нивните ментори, Ќофкаровска-Диневска вели:

– Шесте ученици што ја претставуваа нашата држава се избрани преку строга селекција низ натпреварите по биологија, хемија и физика (општински, регионални и државен) и два селекциони натпревара. Сите овие натпревари се организирани од страна на трите акредитирани здруженија. Компетенциите на учесниците и водачите и остварувањето на овој голем успех произлегуваат од работата и интензивните подготовки на учениците. Целокупната подготовка на македонскиот тим беше реализирана од страна на наставници од Природно-математичкиот факултет, користејќи ги капацитетите и ресурсите со кои располага факултетот, секако, во соработка со трите здруженија – вели таа.

Учеството на нашиот тим го помогнаа Фондот за иновации и технолошки развој и Агенцијата за млади и спорт.

Фото: Македонско биолошко друштво



912

X