Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето девојче има 11 месеци и веќе две недели е на адаптација во градинка, меѓутоа, проследена со константно плачење и повраќање – останува во градинката околу 40 минути. Негувателката вели дека за тоа време не се заигрува со децата, туку само плаче и повраќа. Во градинка ја носи нејзината баба бидејќи јас сум на работа. По градинката таа е тивка, не се смее, не си игра, се плаши од секој звук, а откако ќе се вратам од работа, буквално не се дели од мене. Да напоменам, цело време е растена со луѓе, не е приврзана за нас, сме ја оставале на чување, меѓутоа, ова со градинкава и нејзината реакција ме изненади. Ве молам за совет како да постапам за полесна адаптација, кои методи да ги употребам за смирување на нејзината ситуација.
ОДГОВОР: Адаптацијата на градинката претставува предизвикувачки и силен стресоген фактор за секое дете и родител бидејќи децата на оваа возраст сè уште ги немаат целосно развиено своите психо-физички капацитети за приспособување кон промени. Кога детето влегува во оваа за него непозната средина, го губи основното чувство на сигурност и безбедност и му е потребно одредено време за да научи дека таквата нова средина е сигурна и безбедна. Тоа одредено време го нарекуваме адаптација во која целиот негов примарен свет се менува, а со тоа и начинот на кој функционирало детето дотогаш.
Во оваа адаптација кон нова средина се случува и првата интензивна сепарација родител-дете. Ако детето дотогаш домот и семејството ги доживувало како сигурност, сега таквата сигурност треба да ја прошири и создаде во новата околина. Во таквата ситуација родителот нема целосна контрола врз адаптацијата на детето. Таа зависи од капацитетите и поддржувачкиот фактор на градинката и негувателите, потоа од темпераментот на детето, психолошката сигурност и стабилност на родителот, но и на оној што го носи и испраќа детето во градинката. Затоа адаптацијата треба да биде постепена и во согласност со состојбата на детето. Во оваа возраст може да трае од еден месец до три месеци со постепено поместување на интервалите на поседување.
Чувствата со кои се враќа детето во домот и потребата да е близу родителот укажуваат на присуство на страв од повторно одвојување од родителот. Во тоа време дома обидете се да воспоставите сигурен контакт, да играте заедно игри, да воспоставите ритуали пред спиење како капење, читање книга и успивање со песна со цел детето да го амортизира стресот од самиот ден. Останете упорни и издржливи во овој процес и таа постепено ќе ја пронајде својата нова сигурност во новата околина.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912