Има одредени детски навики кои родителите не ги сакаат, но всушност можат да бидат корисни. Истражувачите од Нов Зеланд откриле дека децата што го цицаат палецот или ги гризат ноктите имаат помала веројатност да развијат алергии подоцна во животот.
Споменатото истражување произлегува од долгорочен проект кој следел повеќе од 1.000 деца од Дандин, Нов Зеланд, уште од нивното раѓање. Стефани Линч, студентка по медицина која е дел од тимот, вели дека низ годините на учесниците им биле поставувани детални прашања за нивните животи. Од тие одговори, Линч и водечкиот автор на студијата, Боб Хенкокс, успеале да соберат податоци за навиките цицање палец и гризење нокти.
Во истражувањето учествувале деца кои ги имале овие навики, а биле на пет, седум, девет и 11-годишна возраст. Овие учесници во истражувањето биле подложени на кожни тестови во периодот кога биле на возраст од 13 и 32 години, со цел да се откријат можните алергии. Овие тестови би можеле да откријат алергиски реакции на дури 40 различни алергени, според Клиниката „Мајо“.

Резултатите од првите кожни тестови покажале дека 38 отсто од децата што го цицаат палецот или гризат нокти имале алергии, во споредба со 49 отсто од децата што немале ниту една од овие навики. Понатаму, децата што го цицале палецот и ги гризеле ноктите имале уште помал ризик од алергии, поточно 31 процент. Истражувачите откриле дека резултатите од кожните тестови останале доследни кога бил извршен втор тест на испитаниците на возраст од 32 години.
„Овие наоди ја поддржуваат нашата хигиенска хипотеза, која посочува дека изложеноста на микроорганизми во детството го намалува ризикот од развој на алергии“, заклучил Ханкокс.