37-годишната Маргот Виц од Торонто вели дека родителството за време на пандемијата било исцрпувачко. Имала зум-повици додека истовремено го чувала својот 2-годишен син. Како заменик-претседател на меѓународен бренд за убавина и портпаролка, таа не можела да престане да работи за време на пандемијата, ниту пак можела да престане со родителството. Била исцрпена: физички, емоционално, ментално и внатрешно.
И покрај тоа што има партнер, Виц вели дека улогите и одговорностите сè уште паѓаат првенствено на мајките. Нејзината исцрпеност почнала кога се обидела да се справи со ризикот од ковид додека се обидувала да одржува некој вид нормално детство за нејзиното дете, заедно со полното работно време од дома.
– Согорувањето и чувството на вината, како и срамот на мајката од другите мајки е лудост – вели таа.
Неодамнешно истражување објавено од Државниот универзитет во Охајо утврди дека многу повеќе родители се соочуваат со исцрпеност отколку што мислевме. Всушност, неверојатни 66 отсто од родителите го чувствуваат тоа. Исто така, истражувањето утврди дека обидот за родителство преку таа исцрпеност влијае врз нашите стилови на родителство и дека тие имаат поголема веројатност да викаат, критикуваат, навредуваат и да ги тепаат децата за време на таа состојба. Но, последното нешто што им треба на родителите е уште една причина да се грижат дека ги „уништуваат“ своите деца. Потребна им е поддршка.
Првиот чекор е именување
Еден од водечките истражувачи во истражувањето, Кејт Гавлик, вонредна професорка по клиничка нега на Државниот универзитет во Охајо, се навраќа на почетокот на пандемијата додека воспитувала четири деца под 10-годишна возраст: на почетокот таа не знаела дека доживува исцрпеност во родителството.
– Седев и не се чувствував депресивно или вознемирено, но ги имав овие чувства и тие беа многу специфични за мојата родителска улога. Само ми требаше одмор – вели таа.
Кај неа исцрпеноста беше испреплетена со одредено незадоволство поради тоа што не можеше да продолжи да работи со истото темпо како порано, како и поради чувството на емоционална одвоеност од нејзините деца. Тоа чувство за неа беше црвено знаме. Да се биде учител, чувар на распоред, систем за емоционална поддршка, координатор за развој и многу повеќе, беше премногу за неа.
Гавлик вели дека родителите се соочуваат со срам поради потребата од одмор и тоа е уште полошо поради социјалните мрежи.
– Го гледаме секој ден. На „Инстаграм“ гледате како родителите прават сè и мислите: „Моите деца гледаат телевизија и јадат брза храна секоја вечер“, вели таа. Но, едноставното идентификување дека доживувате родителско исцрпување може да помогне, па таа создаде скала за исцрпеност на родителите. Некои од показателите се чувство како да сте во режим на преживување, лесно го губите трпението или се будите исцрпени од помислата на родителството.
Идентификување ризик-фактори
Постојат специфични фактори кои можат да ја зголемат веројатноста за родителско исцрпување, вклучувајќи едно или повеќе од следново: ако сте жена, имате две до три деца или шест или повеќе деца, имате историја на анксиозност, имате дете со АДХД, анксиозност или недијагностицирана медицинска состојба.
Мајките имаат поголема веројатност да доживеат исцрпување
Истражувањето на Гавлик покажа дека 68 отсто од жените имале родителско исцрпување наспроти 42 отсто од мажите. Виц не е изненадена.
– Тоа е како оние непишани правила дека мајката прави сè – мајката готви, чисти и прави сè. Каде е вашиот партнер да ви даде шанса да се одморите? Каде е времето од вашиот работодавец? Системот е толку скршен на толку многу начини – вели Виц. Гавлик вели дека „историската улога што ја играат мајките“ продолжува, а жените имаа поголема веројатност да бидат принудени да ги напуштат своите позиции во пандемијата отколку мажите. Таа, и многу други, исто така, мора да забави со работата или да престане да работи.
– Се задржав на суштинските должности на мојата работа, но голем дел од мојата работа беше ставен во мирување. Во исто време, не се чувствував како да поминувам квалитетно време со некое од моите деца бидејќи моето време, енергија и напор беа толку слаби – вели таа.
Бројот на деца е важен, но повеќе деца не значи секогаш полошо
Можеби изгледа дека повеќе деца ќе доведат до повисоки стапки на исцрпеност, но истражувачите видоа поинаков тренд. Нивото на исцрпеност се зголемило кај родителите со две до три деца, а се намалило кај оние со четири до пет. Гавлик мисли дека ова може да има врска со родителите кои имаат повеќе деца, можеби ќе имаат и постари деца за да помогнат малку повеќе. Таа, исто така, од лично искуство откри дека имањето четири деца значи дека две можат да играат заедно, а потоа може да се сменат, што може да ги минимизира расправиите.
Од родителите во истражувањето на кои претходно им била дијагностицирана анксиозност, 77 отсто пријавиле родителско исцрпување. Резултатите, исто така, покажуваат дека родителите претрпеле стресни грижи за децата со проблеми со менталното здравје, вклучувајќи ги и потенцијалните недијагностицирани.
Исто така, истражувањето открило дека исцрпеноста е силно поврзана со депресија, анксиозност и зголемено консумирање алкохол, како и севкупни поостри практики на родителство. Виц вели дека нејзините доживотни борби со менталното здравје ѝ помогнале да разбере дека она што го чувствува влијаело врз нејзиното физичко, ментално и емоционално здравје и ѝ помогнале да сфати дека нема да може сама да „го носи целиот товар“
Важно е да знаете дека не сте сами
Сите сме ја слушнале изреката „Потребно е село за да се одгледа дете“, но воспоставувањето на тоа „село“ може да биде потешко отколку што звучи. За Виц, ова вклучуваше преиспитување на заедницата што ја има, дури и ако не е совршена. Потребно е да му се обратите на вашиот партнер за поддршка. Зборовите како „Ми треба помош“, „Ми треба една минута“ се нешто што би можело да му даде до знаење на партнерот дека навистина ви е потребна помош и време за себе.
912