Замисливте ли новогодишна желба? Писмото до Дедо Мраз сигурно веќе е испратено, а нетрпеливоста почнува да нè скокотка да ја искинеме украсната хартија од кутиите под елката за да видиме што ни донел. А ни го донел тоа што сме го купиле.

Но, дали ќе ни ги донесе и подароците на кои не може да се стави панделка? Има ли светкава хартија за љубов и среќа и за најшироки насмевки. Нема, затоа што и не треба да има. Треба вистински да се посакаат. За себе и за сите. Оти убавата желба е како пакетче грицки. Најубаво е кога и некоја друга рака брцнува во него. Таа е како втората половина од чоколадото подадена на другарчето од спротивната лулашка, на нечија смрзната рака. Двајца со измачкани усти од кифла со крем поубаво се смеат.

Е, за тоа не треба само голема ѕвезда на врвот на елката и два дена новогодишна еуфорија. Новата година нема да смени ништо ако сите ние не менуваме делови од себе за и сами и заеднички да живееме поубаво. Така да бидеме подобри и како луѓе, и како родители, и како намерници.

Годинава излиставме многу мудри совети, напишавме за многу проблеми, се израдувавме на многу нови работи, влегувавме во светот на децата, го будевме детето во нас… Ајде барем малку да примениме за многу да промениме – на подобро. Еден по еден и сите ние заедно.

Антоан де Сент Егзипери во „Малиот принц“ вели: „Еве ја мојата тајна. Многу е едноставна: Вистински се гледа само со срцето. Суштината е невидлива за очите“.

Среќна Нова година.



912

X