Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 10-годишен син кој е петто одделение и со него учат неколку деца кои се малку потемпераментни и зборуваат безобразни работи. Син ми почна да учи од нив и да им враќа кога му зборуваат такви работи. Ние му кажуваме дека треба да се држи понастрана од нив и кога му зборуваат така или го задеваат, да ѝ пренесе на учителката и да не им враќа кога му зборуваат така бидејќи секогаш кога ќе му кажат нешто безобразно или ќе го предизвикаат, тој им враќа и испаѓа виновен, па оди кај директорот или психологот, а тие се извлекуваат. Кога ќе ѝ каже на наставничката, таа не му обрнува внимание, го обвинува него. Друг проблем е што стана многу нетрпелив, кога ќе му кажат нешто дома брат му или сестра му, веднаш ја врти работата на карање и тепање, исто и во училиште станува од место, а и кога зборуваме дома не може да седи на едно место, туку се движи и зборува и сѐ сака тој прв да каже, воопшто нема трпение. Ве замолувам за совет како да го научиме да не потпаѓа под туѓо влијание и на провокации, да биде трпелив и да ги почитува другите.

ОДГОВОР: Вашето дете има десет години и покажува ниска емоционална и социјална самоконтрола во односите со врсниците (овде е важно дали со сите или со поединци) како и ниска самоконтрола во односот со членовите од семејството (овде би ми било важно дали е прво, второ или третородено дете во семејството), сака тој прв да каже, станува од место, се движи и зборува одеднаш.

Ваквото дете изгледа нетрпеливо, доминантно, настојчиво, но тоа не мора да значи дека е така бидејќи зад секое однесување веќе има дефинирана мисла или убедување кое предизвикало емоција што на бихевиорален пат го манифестира таквиот емоционален одговор.
Понекогаш зад гласното или наметливо зборување постои незадоволена потреба од внимание, активно слушање или сослушување, па детето е често во грч поради вперување прст кон него или етикетирање, па со цел да се одбрани, го прави тоа со докажување правичност или праведност.

Во вашиот исказ ми недостига негов опис за тоа каков бил во предучилишна возраст, како ќе го опишете во рана училишна возраст, кои беа дотогаш негови главни одлики, дали ова однесување беше отсекогаш карактеристично за него или почна во дадена возраст и период. Таквиот хронолошки приказ би ми ги отворил можностите за евентуалното адресирање на проблемот.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X