Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две ќерки на возраст од 7 години и 3 години. Имам проблем со големата ќерка. Постојано плаче, вика, фрла, ако не е по нејзино, на пример еднаш не ја пуштив да игра надвор затоа што беше доцна и ми рече: „Ако не ме пуштиш, ќе го скршам телефонов или ќе ја истепам сестра ми“. Сега има и поголем проблем, играла со другарчињата и ја терале да го покажува горниот дел од телото, ѝ рекле дека ако не го покаже, нема да игра со нив. И таа го направила тоа. Ја казнив така што нема да игра повеќе со нив и ѝ го зедов телефонот. Се плашам да не направи некој поголем проблем и се мислам да одам на психолог. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Сосема ја разбирам вашата загриженост и потребата од тоа да се советувате со психолог. Психолошкиот увид што би го направил психологот никогаш не би одел во правец на тоа да обвини некого, туку во правец на изнаоѓање на причините за дадениот проблем или состојба. Советувањето со психолог е исклучително охрабрувачки, поддржувачки и освестувачки приод кој е за доброто на целото семејство.

Развојниот период во кој се наоѓа вашето девојче е период каде што социјализацијата ја одредува динамиката на личноста, а оттука и задоволувањето на социјалните потреби како припадност, вклученост, прифатеност, ангажираност итн. Начинот на кој се однесува во домот укажува на бунтовност кон поставувањето правила и граници, што можеби е последица на начинот на кој се комуницира во однос на нив, воедно и не валидирајќи го чувството кое тие го предизвикуваат кај неа, па оттаму потреба за манифестирање на фрустрацијата и потребата да се врати, да наштети со цел да воспостави емоционална правда.

Однесувањето кое се манифестирало во надворешната средина меѓу врсниците укажува на слабо воспоставени его граници и систем на заштита. Тоа значи дека детето одбира да ги послуша врсниците по цена да биде вклучено и прифатено од групата. Родителско советување со психолог и вклучување на детето во советодавен и психотераписки процес ќе ги зајакне и зацврсти вашите капацитети како семејство, а вие ќе ги надминете сите родителски предизвици.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X