Голем број бебиња со тежок респираторен вирус се примаат во болниците во Нов Зеланд поради она што лекарите го опишуваат како „имунолошки долг“.
Имунолошкиот долг се случува кога луѓето не биле изложени на нормално ниво на вируси и бактерии, па се доживува наплив на инфекции.
Извештаите покажуваат дека Нов Зеланд се соочува со многу хоспитализации на деца со респираторни заболувања, вклучително и респираторен синцицијален вирус (РСВ).
РСВ е честа болест што предизвикува благи симптоми кај возрасни, но може да биде фатална за децата.

Нов Зеланд пријави речиси 1.000 случаи на РСВ во последните пет недели, според Институтот за наука и истражување на животната средина. Ова се споредува со вообичаениот просек од 1.743 во текот на целата 29-неделна зимска сезона. Главниот град Велингтон моментално има 46 деца хоспитализирани со оваа болест.
Мајкл Бејкер, епидемиолог и професор по јавно здравје, изјави за „Гардијан“ дека во земјата има голем бројот деца што пропуштиле да се изложат на вируси, па сега се соочуваат со нив.
Децата заразени со РСВ најчесто развиваат лесни симптоми, но кај некои тие можат да бидат потешки. Кај бебињата, РСВ може да предизвика гадење, одбивање храна, треска и летаргија. Кај децата типични симптоми се течење на носот, намален апетит, кашлање и отежнато дишење.
Но, кај многу млади доенчиња и предвремено родени вирусот може да предизвика отекување на дишните патишта. На бебињата што ја развиваат оваа состојба, наречена бронхиолитис, може да им биде потребна хоспитализација и третман со кислород или респиратор.
Извор