Воспитување

Драго девојче, вредиш многу повеќе од бројките на вагата, облеката што ја носиш и оценките во книшката

Драго девојче,

Штом ќе дојдеш на свет, те чека вистинска авантура на откривање на околината и самата себе. Ќе почнеш да го бараш своето место под сонцето. Нема да те лажам – тој пат ќе биде полн со подеми и падови, смеа и солзи, разочарувања и загуби, но и преубави работи кои како малечка не си можела ни да ги замислиш.

Како што ќе растеш, сè повеќе ќе се прашуваш која си и зошто светот е таков каков што е. Ќе поставуваш прашања за тоа зошто е тревата зелена, зошто е небото сино, како спијат жирафите, како рибите може да имаат отворени очи во вода и многу други со кои ќе ја забавуваш својата околина. Меѓутоа, ќе забележиш и дека не се однесуваат сите еднакво кон девојчињата и момчињата. Можеби ќе ти купуваат само кукли и пластични кујни. Можеби ќе те облекуваат во розова облека, ќе ти ставаат панделки, ќе ти велат дека мораш да бидеш пристојна. Можеби ќе ти велат дека е многу важно како се однесуваш во јавност. Можеби ќе ти речат дека не смееш да играш во кал, да ги земаш автомобилчињата, да се качуваш на дрво, ниту да ловиш инсекти и жаби. Немој да ги слушаш.

„На овој свет си со некоја причина. Откриј ја и биди своја“.

Можеби ќе пораснеш во семејство преполно со љубов во кое секој ден ќе бидете насмеани. Родителите ќе ти покажуваат колку си сакана и ќе направат сè да бидеш среќна. Меѓутоа, можеби ќе мораш да сведочиш и на кавги и градење на животот од почеток некаде далеку. Којзнае, можеби ќе имаш две мајки или двајца татковци. И тоа е сосема во ред. Ќе те сакаат повеќе отколку што можеш да замислиш. Ќе учиш за пријателствата и љубовта. Ќе ја запознаеш својата прва најдобра пријателка (или пријател) со која ќе разменуваш сликички, ќе пишуваш задачи и ќе правиш големи планови за иднината. Меѓутоа, можеби понекогаш ќе бидеш осамена, ќе седиш сама во класот додека другите се забавуваат на одморот. Ќе се прашуваш што не е во ред со тебе. Можеби ќе плачеш во својата соба и ќе држиш сè во себе. Можеби ќе те задеваат поради протезите на забите, диоптриските очила или облеката. Можеби ќе трпиш насилство. Немој! Знаеш зошто?

Затоа што си прекрасна. Единствена си. Посилна си отколку што мислиш. Вредиш. Заслужуваш љубов. Сакана си. Секогаш си доволна. Вредиш повеќе отколку што можеш да замислиш. Вредиш многу повеќе од бројките на вагата, од облеката што ја носиш, од оценките во книшката, од лажните пријателства, од оние пораки кои симпатијата некогаш ти ги пратила и рекла дека не сака ништо со тебе. Никогаш, баш никогаш немој да дозволиш да те уверат во спротивното. Колку што ќе бидеш постара, толку повеќе ќе запознаваш човечките односи и ќе учиш за првите љубови. Можеби ќе сретнеш мажи кои нема да знаат да те ценат и ќе те искористат. И знаеш што? Тоа само зборува за нив, а не за тебе. Оддалечи се од нив бидејќи не те заслужуваат. Но, еднаш ќе наиде и оној вистинскиот кој со задоволство ќе ги дели со тебе домашните обврски, ќе те држи за рака во јавност, гордо ќе им зборува за тебе на своите родители и пријатели. Ќе дојде некој кој нема само да ти вели дека со тебе спознал што е тоа љубов, туку ќе ти го покажува тоа секој ден, со секој свој гест, а не само со зборови.

„Баш си таква каква што треба да бидеш. Никој друг не е како тебе. Искористи ги сите свои таленти и биди сè што некогаш си сонувала.“

Ќе дојде некој што ќе посака да се одрече од сè само за да биде со тебе, своите денови од годишен одмор ќе ги поминува со тебе, ќе ти ја држи косата кога ќе ти биде мачно и ќе те прифаќа во оние денови кога ќе се чувствуваш лошо. Ќе дојде некој што ќе те прегрне кога ќе ти биде најлошо, оној чиј само еден поглед ќе го избрише сето лошо што ти се случило тој ден. Но, и без него си целосна. Немој да плачеш и да се прашуваш каде е. Немој да се препушташ на притисоците од околината која ќе ти вели дека е време за мажење и за дете. И без партнер и дете ти си целосна. Знаеш ли колку си креативна?

Знаеш ли што сè можеш да оствариш ако во тоа вложиш доволно труд? За тоа дури и не ти требаат сите петки или десетки. Ти треба само упорност, храброст, работа и волја. Можеш да станеш лекар кој ќе открива нови начини на лекување. Можеш да станеш правник кој ќе спасува невини луѓе, учителка која ќе обликува млади умови, пилот кој ќе се вивне во висините, спортистка која ќе освојува медали на Олимписки игри, градежник, возач или писателка која ќе пишува книги кои ќе ги менуваат животите на луѓето.

Можеш да студираш на најдобрите универзитети и да добиеш стипендии за нив, без разлика во колку малечко село или град си родена. Можеш да одиш на докторат во кој било крај на светот. Можеш да освоиш Нобелова награда.

Можеш да патуваш по светот – и тоа сама. Можеш самата да си купиш свој дом и да го опремиш со деталите што ги сакаш. Сама можеш да промениш гума на автомобилот, да ги обоиш ѕидовите и да ги составиш уредите. За сето тоа не ти треба „машка рака“. Ако ја имаш таа среќа вистинската љубов и пријателства да влезат во твојот живот, со двете раце прегрни ги. И не пуштај ги. Дозволи им со тебе да чекорат низ животот.

Но, никогаш немој никому да му дозволиш да те увери дека си помалку вредна. Не си. Баш си таква каква што треба да бидеш.

Нема што не можеш да постигнеш. На овој свет си со некоја причина. Откриј ја и биди своја. Драго мое девојче, биди бестрашно!

Автор: Татјана Барат

Извор

Поврзани написи

To top