Знаете на што секогаш ве предупредуваат, па превртувате со очите и на шега велите „добро, веќе, кога ќе биде тоа“?

Па, тоа ќе биде брзо. Многу брзо.

Момчињата стануваат мажи додека да кажеш „кекс“. Да, истите тие малечки момчиња што ги гледате сега, со голема насмевка, а можеби и со понекое мало мозолче. Оние што ве молеа да редите лего-коцки со нив и велеа дека ќе се омажат за нивната мајка кога ќе пораснат.

Трепнете неколку пати и тие веќе наполниле 12 години. Речиси се тинејџери. И тогаш, нема ни да сфатите дека нивниот глас се сменил, а тие ќе станат неподносливи, дрски тинејџери кои превртуваат очи и се расправаат со своите браќа и сестри само за да покажат дека сега тие знаат најдобро. Лего-коцките ќе завршат в ќош, а тие ќе се борат за секоја дополнителна минута помината во играње игри на телефон или компјутер.

Па, што се случи со вашето слатко момче? Со насмеаното, весело, момче на мама? Каде отиде?

И ќе ве фати паника. А знаете ли зошто?

Затоа што одеднаш нема да можете да се сетите кога последен пат сте го качиле на лулашка. Дали тоа било во паркот кој е во близина на градинката? Или кај баба и дедо во дворот?

Колку години имаше тогаш?

Дали еднаш ве замолил да го турнете, но во тој момент вие сте разговарале со некоја мајка во паркот и сте му рекле дека само треба да замавне со нозете. И потоа повеќе не побарал. Никогаш повторно.

И ќе плачете. Порано или подоцна. Но, послушајте. ВО РЕД Е.

Затоа што она што допрва доаѓа… Поразлично е. И малку фрустрирачко. И чудно. Но – исто толку е и прекрасно.

Прочитајте нешто повеќе за таа нова фаза што ја нарекуваме „предно седиште“.

Одеднаш, вашето дете повеќе нема да сака да седи назад бидејќи таму седело откако помни. Ќе седи до вас, напред и ќе го возите насекаде. До натпревари, тренинзи, родендени, излегувања.
Затоа секој ден ќе имате малку време само за вас двајца.

Веројатно ќе ги стави слушалките и ќе сака да си гледа во телефонот. Но, вие барате од него да ви ги посвети барем тие 15 минути. Потоа ќе ви зборува за училиштето и друштвото и за „Мајнкрафт“ и „Фортнајт“. Или за некое смешно видео што се појавило на „Јутјуб“. И ќе забележите нови мозолчиња на неговото лице.

Ако имате среќа, песната што и двајцата ја сакате ќе ја пуштат на радио и ќе пеете заедно и никој нема да ги превртува очите. Но, можеби ќе сакате да плачете.

Сепак, тоа е добро. Затоа што секој ден учите малку повеќе за личноста во која прераснува вашето момче. Ако можете и сакате навистина да гледате, ќе имате во што да уживате. Затоа што нема ништо поубаво од тоа да го гледате малото човечко суштество што го знаете од неговиот прв здив како расте во вистински маж. И вие го создадовте.

Како мајки, во тој момент може да ве фати паника и да мислите дека најдоброто е завршено и дека сте пропуштиле многу. Но, само треба да „изгребете“ под површината и ќе видите што се крие под намуртената тинејџерска маска. А тоа се безброј моменти само за вас двајца, бесценети и посебни спомени.

Само помислете, еден ден ќе плачете на неговата свадба. А потоа, ако имате среќа – и кога првпат ќе го држите неговото дете в раце.

Изгледа дека единственото нешто што можеме и треба да го направиме во овој момент е да седиме назад и да го апсорбираме секој момент. Еден по еден. Со нетрпение да го очекуваме секој што следува, а во никој случај да не жалиме за она што поминало…

Извор



912

X